Во Офицерски дом во Битола, беше промовирана книгата “Корени“ на битолчанката м-р Гордана Лазаревска Димитријевиќ. Темата се однесува на старото битолско семејство на бавчанџии Константину кое живеело во близина на Камен мост во Битола и семејството на нивната ќерка Викторија Јоану, подоцна Јованова и кое во 19 и 20 век било познато надалеку по градинарството, а особено по лозарството и производството на вино, исто така во Битола.
Еден од членовите бил пратен да го изучува занаетот во Корча, каде останал да живее и основал своја дестилерија и семејство а во чест на родната Битола го зел презимето Манастирли. Така семејството се раселило низ целиот Балкан а во поново време и низ целиот свет.
Нивните поколенија исто така имале интересни професии: патувачки фотографи, трговци, уметници, музичари, пилоти и др. а денес тоа се семејствата Манастирли, Лала, Лазаревски, Тадиќ, Јашмакови , Трпковски, Штрала, Попови и други.
Во голем дел од книгата се зборува за градот Битола со поширокиот регион и за општествените прилики опфаќајќи го периодот од средината на 19 век па натаму, периодот на Османлиското царство, Првата светска војна, Балканските војни и Втората светска војна ,па токму поради овој факт, веројатно ќе побуди интерес кај консументите и ќе остави белег за историјата на градот и пошироко и животот воопшто во минатото.
Тоа е вистинска приказна за претците на авторот која започнува во 1830 година и до денес веќе има потомци од осмо колено. За оваа прилика, во градот на нивните претци допатуваа потомци на семејството од Грција, Албанија, Србија, Канада, Америка, Германија и Франција.
Промотор беше исто така познатата битолчанка Марија Герас Дочовска. Книгата е во продажба во книжарница “Квин“ отспротива на Основен суд Битола. Тоа е убаво четиво како се негува хрониката на едно семејство.
[ngg src=”galleries” ids=”1131″ display=”basic_thumbnail” override_thumbnail_settings=”1″ thumbnail_crop=”0″ order_by=”pid”]











