Press "Enter" to skip to content

Вечерва завршува фестивалот “Браќа Манаки“ со доделување на наградите

Со доделување на наградите „Камера 300“, вечер ќе биде затворен 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Во конкуренција за трите награди „Камера 300“ (златна, сребрена и бронзена) за најдобар кинематографер се натпреваруваа 12 филма: „Транзит“ (Германија); „Студена војна“ (Полска); „Зимски муви“ (Чешка); „Лето“ (Русија); „Ага“ (Бугарија); „Горење“ (Јужна Кореја); „Фокстрот“ (Израел); „Нико“ (Италија); „Пепелта е најчисто бело“ (Кина); „Недвижен имот“ (Шведска), „Девојка“ (Белгија) и хитот во САД, „Црниот кју-клукс-клановец“ на Спајк Ли.

Фестивалот ќе заврши со премиера на краткиот научно-фантастичен  филм „Извидник“ на младиот режисер со македонско потекло Алекс Цветков кој живее и работи во Словенија. Тема на филмот е опседнатоста со технологијата на новото време, зависноста од социјалните мрежи и како тие се одразуваат врз животите на луѓето. Цветков е син на популарниот каскадер од Македонија, Рок Цветков, кој работеше на холивудски филмови како „Шиндлерова листа“, „Патриот“, „Ничија земја“. Младиот Цветков студира режија во Лос Анџелес, а овој дебитантски филм е негова дипломска работа.

Ѕвезди на годинашниот фестивал беа британскиот кинематогафер и оскаровец Роџер Дикинс и италијанската филмска дива со светска кариера Клаудија Кардинале.

More from КултураMore posts in Култура »