Press "Enter" to skip to content

Илија Талев за првото издание на женскиот алманах “Муза“: секоја жена, независно од нејзината професија, стил на живот или влијание, е нечија муза и извор на инспирација и сила

Во сабота во 12 часот, во Офицерскиот дом во Битола ќе биде промовирано првото издание на Женскиот алманах за култура и урбано живеење „Муза“. Издавач на списанието е Агенцијата за мода, култура и уметност “Метрополис“ од Битола. Главен и одговорен уредник е Илија Талев од Битола (кој и претходно имал иста функција во списанието за култура „Магента“). Пред промоцијата поразговаравме со Илија Талев кој е и идеен креатор на „Муза“.

Тој за оваа прилика истакна:

-Со “Муза“ нашата намера е да ги откриеме и споделиме приказните на жени од сите сфери на нашето живеење, кои ја менуваат и збогатуваат нашата култура и општество. Во ова списание, ќе ги истражуваме нивните искуства, нивните борби и успеси. „Муза“ не е само списание, тоа е заедница на инспиративни жени и ментори, кои одговараат на предизвиците и ги менуваат правилата на игра. Овде, сите сте добредојдени да ги делите Вашите идеи, размислувања и приказни. Ова е Вашиот простор каде ќе ја истражиме несовршената хармонија на родовата еднаквост и женската еманципација, ќе се залагаме за инклузивна култура и ќе го одржуваме пламенот на промената. „Муза“ е списанието кое ќе Ве охрабри да верувате во себе, да се борите за своите права и да ја менувате перспективата во светот во кој живееме. Се надеваме дека „Муза“ од една страна ќе биде извор на инспирација, од друга страна извор на информации и дека ќе ве мотивира да ги следите своите страсти, да го менувате светот околу Вас и да го градите вашето сопствено искуство на успехот кон кој се стремите.

За изборот на самото име постојат две добри причини вели Илија Талев.

-Муза е еден од повисоките планински врвови на планината Баба, во рамки на националниот парк Пелистер во југозападниот дел на Македонија (неговата надморска височина изнесува 2.351 метри), што во случајот симболизира височина и достигнувања. Секоја жена, независно од нејзината професија, стил на живот или влијание, е нечија „Муза“ – извор на инспирација и сила, вели Талев, кој на крај истакна:

-Муза е списание создадено и посветено на силните, инспирирачки жени кои ги преминуваат врвовите на успехот во секоја сфера, во секој аспект од светот во кој живееме. На овие страници преку различни профили и интервјуа, ќе се запознаете со жени кои се издигнале во културата, уметноста, модата, спортот, бизнис и претприемачкиот сектор, образованието и науката и други области. Преку статии и совети ќе се информирате за различни ранливи групи, родова еднаквост, женски активизам, менторство и кариерен развој, интеркултурна интерпретација, меѓународни перспективи итн.

Жанета Ристевска

More from КултураMore posts in Култура »