Press "Enter" to skip to content

“Галеб“ од Чехов, утре, премиерно во Народен театар Битола

-Народен театар – Битола утре, сабота, 14 септември, премиерно на матичната сцена ќе ја одигра својата трета премиера за оваа година “Галеб“, по текст на Чехов а во режија на Багријана Попов.

На прес – конференција во Битола,  в.д. директорот на битолскиот театар Васко Мавровски истакна дека „Галеб“ е насловена како претстава комедија, но всушност е најтрагичното дело во кое се зборува за десет изгубени души кои неможе да профункционираат еден со друг.

-Многу моќни ми изгледаа генијалците кои ги напишаа „Војна и Мир“ и „Карамазови“ но нивните книги не биле напишани за мене туку за некој друг. А кога се појави новелата на Чехов ми се причини како да сум го прочитал својот сопствен немир,  цитираше в.д. директорот Васко Мавровски од критиката на рускиот писател Чуковски наместо најава на делото и додаде:

-Оваа прес – конференција е прва во која учествувам како в.д. директор и сакам да истакнам дека освен почеток со нова премиера, ние од денеска имаме ново лого на театарот кое го посветуваме на нашиот јубилеј – 80 години Народен театар-Битола. Сметам дека овој театар има потенцијал да се вратиме таму каде што бевме, имаме потенција да бидеме најдобриот театар во Македонија и да го оправдаме приматот на најстар  театар во државата во кој што за прв пат се преговорил македонскиот јазик. Мојот мотив да прифатам една ваква функција се потпира на фактот дека ова е идентитетски столб на Битола, културен храм и затоа оваа прес конференција ја одржавме во храмот на уметноста, истакна Мавровски.

-Привилегија беше да режирам уште една прекрасно дело на Чехов. Ова ми е трето искуство да режирам со актерите од Битолскиот театар. Длабоката врска со традиција и театарска уметност на овој театар се чувствува секогаш. Сум режирала дела на Чехов многу пати низ годините во Австралија, Бугарија и Финска. И секогаш процесот е голема истражување на човештвото за љубовта, односите, неуспесите и човечката ранливост, рече режисерката Багријана Попов.

-Исклучителен предизвик е да се игра било кој од овие ликови. Јас го толкувам ликот на Илина Николаевна – Калина која е мајката на Сергеј Гаврилович, нејзин син од брак кој го имала на помали години а во овој момент е една исклучително позната актерка која е во врска со од неа помладиот Григорин. Она што е важно за мојот лик и тоа еден дел од оние теми кои ги разработува Чехов а тоа е односот на мајката кон нејзиниот син тука е целата трагедија. Тоа е една жена генерално исполнета и реализирана во својата кариера, едноставно сега се бори на нејзините четириест и три години да остане млада негирајќи го постоењето на нејзиниот син, одбивајќи го своето детето. Опседната е својата врска, својот љубовник, оставајќи длабоки траги во душата на својот син и сосема несвесно му го уништува и завршува животот,  вели актерката Јулијана Мирчевска за својата улога.

-Јас сум бескрајно среќна што имав можност да работам вакво дело на Чехов а „Галеб“ е мое омилено дело. Мислам дека за еден актер е предизвик да изигра било кој лик од Чехов. Средбата со ликот на Нина и се што таа носи, нејзиниот внатрешен багаж, нејзината борба, љубов, страдање и средбата со мојот личен багаж, сето тоа да слее во едно, Нина и Катерина, беше предизвик за мене, рече актерката Катерина Аневска – Дранговска.

Костимографот Благој Мицевски кој и претходно работел со Попова потенцираше нејзиниот режисерски пристап.

-Режисерскиот пристап на Багријана е филмски, скоро документаристички. Таа го прави Чехов онака како што тој заслужува и треба да се прави. Најважното нешто што публиката ќе го види е како се прави Чехов.

Од НУ Народен театар-Битола информираа за театарските проекти и гостувања што ќе се реализираат до крајот на годината. Ансамблот на НУ Народен театар-Битола на 6 октомври ќе гостува на театарски фестивал во Бјелисток-Полска, на 16 октомври ќе има премиера на монодрама со Соња Михајлова, на 25 октомври премиерно ќе биде одиграна претставата „Ричард Трети“, а на 14 ноември по повод 80 години Народен театар-Битола, публиката ќе ја види претставата „Ѓоре Магарески – 80 години потоа“.

До крајот на ноември се планира уште една премиера а до крајот на година и детска претстава.