Press "Enter" to skip to content

Премиера на монодрамата “КУФЕР.МК“ на Соња Михајлова во Народен театар Битола (фото)

Во рамките на програмата на Народниот театар од Битола за одбележување на јубилејот 80 години на оваа институција, премиерно ќе биде изведена претставата “КУФЕР.МК“ по идеја и концепт на актерката Соња Михајлова и Благој Мицевски кој беше задолжен и за режијата.На денешната прес конференција директорот Васко Мавровски пред многубројните новинари, истакна дека Битолскиот театар не може да биде без големите имиња кои допринеле во неговиот развој.

-Овие 40 денови како вршител на должноста директор, се премногу емотивни за мене, бидејќи се навраќаме наназад. Поврзано со нашиот роденден и 80 годишнината на нашиот театар, некако повеќе живееме во минатото отколку што се занимаваме со иднината што е добро бидејќи се потсетуваме каде сме биле, од каде сме тргнале, каде се движиме. Мојата желба како директор на овој театар, беше претстава како оваа на Соња, еден багаж на актер кој собрал еден цел свој живот во еден куфер, да не смее да се дозволи тој куфер затворен да остане некаде и да биде надвор од видокругот на публиката, бидејќи најголемата казна за еден актер е да биде тргнат од сцената.-Тргнавме во оваа прослава со нов концепт и нова идеја: „Театарот повторно твој“, театарот е повторно на публиката, театарот е повторно на Соња Михајлова, театарот не може да биде без Соња, не може да биде без Петар Мирчевски, Борис Чоревски, да не набројувам да не заборавам некој. Заслугата која денес јас ја имам да стојам тука и да се обратам е заслуга на сите нив кои ни создадоа услови да можеме да работиме и да се занимаваме со театар, додаде Мавровски.Актерката Соња Михајлова исто така истакна дека овој момент и е емотивен со враќањето во Битолскиот театар после пензионирањето пред две години.-Се радувам на повторната средба со публиката од сцената на Битолскиот театар. Сакам да се заблагодарам за отворената врата во овој момент од страна на директорот Мавровски и театарот. Ме радува и тоа што поставувањето на мојата монодрама во овој театар е во моментот кога театарот слави 80 години од своето постоење од кои 40 се мои, односно 40 години  јас сум во овој театар, и овој момент на отворената врата во театарот и присуството на монодрамата го подарувам на Народен театар Битола и на публиката, како мој роденденски подарок за овој голем јубилеј, рече Михајлова.

Михајлова низ претставата не води низ една лична интимна исповед за дилемите, моралните вредности, погледот на светот, убавите моменти, но и траумите низ кои поминува и со кои се справува една актерка, жена и додаде:

-Во текот на тие 40 години и како човек и како актер сум доживеала многу турбулентни моменти, немирни времиња кои сите ние во оваа земја ги доживуваме и преживуваме. Претставата е мојата лична и емотивна приказна низ времињата што сум ги поминала во тие 40 години, кои го формирале мојот идентитет. Културата, театарот, уметноста се дел од културниот идентитет на Македонија, многупати се напаѓани на различни начини, а тие рани оставаат траги кај секој човек. Мојата претстава се однесува на она што останало како некој емотивен, внатрешен белег од она што се поминало во минатото.

Режисерот Благој Мицевски истакна дека Битола има публика за монодрами.-Многу специфичен жанр за работа посебно за актерот кој треба долго време да го држи вниманието на публиката. Во однос на монодрамата кај нас и во светот, постои една голема разлика. Кај нас актерите прават монодрами во поодминати години кога имаат некој багаж и сакаат нешто да пренесат, а надвор ситуацијата е поинаква, прават монодрами за да се покажат себеси на тој огромен пазар, за некој да ги забележи. Едно е сигурно, овој град има публика за монодрами. За време на Ковидот често разговаравме со Соња за театарот, уметникот во театарот. Јас 30 години сум дел од овој театар, па имавме потреба да сумираме некои наши мисли, за она низ што поминавме, за една држава во која живеевме. Претставата го опфаќа тој период, државата во која сега живееме, големите проблеми на кои наидуваме за да се потврди нешто кое постои самостојно како јазик, култура, театар.

Во Битола премиера на претставата “Куфер.МК“ (фотогалерија) 

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »