По повод 80 години Народен театар Битола и првата претстава изведена на македонски јазик, во фоајето на театарот, беше организирана голема изложба на театарски плакати и каталози од авторите Христо Бојаџиев и Владо Ѓорески.
Ова е можеби прва изложба со толкав голем број на изложени театарски плакати – 120 и исто толкав бројна каталози. Авторите во својата тридецениска работа врз уметничкиот плакат, остварија и своевиден уникатен театарски опус кој што со уметничките резултати е единствен во нашата средина а е и вреднуван со бројни награди и од меѓународен карактер.
Изложбата не само што е своевиден авторски проект туку е и исклучителен уметнички и дизајнерски придонес во историјата на македонската ликовна уметност опфаќајќи широк дијапазон на индивидуални и оригинални авторски реализации.
-За мене да се работи на фотографии, плакати и каталози за битолскиот театар и воопшто за театарот, право да ти кажам, беше уживање и среќа, а така беше во сите години кога ова го работев професионално. Не работев ништо површно, туку со многу вложување себесе и на крај тоа донесе резултат. Во оваа работа без разлика колку часови и денови потрошиш за некоја фотпграфија или плакат нема изгубено време. Не знам колку фотографии нема број, а и не знам ни колку плакати имам направено, вели Христо Бојаџиев, кој битолчани го знаат како Ицко, кој сега е пензионер, токму од НТ Битола.
Ицко ја искористи оваа изложба и да упати порака кон младите:
-Оние кои сега се занимаваат со фотографија би им рекол прво да ја сакаат оваа работа, и последно да ја да сакаат, нема средина, а ако некој би барал средина, и средината е да ја сакаат. Нема време, нема пари, има само задоволство од работата.
Ицко за свој најдобар плакат го смета плакакот за претствата “Парите се отапувачка“ за што рече:

-Плакатот за мене е најубав поради оваа голема свеќа која ја држи актерот, а таа ја кажува тежината која ја носат парите. Сега кога го гледам плакатот по многу години мислам дека мала е свеќата, треба да биде многу поголема.
Изложбата беше претставена пред голем број на посетители кои имаа можност да ги видат визуелните сведоштва за најзначајните театарски претстави во Македонија и пошироко. Покрај тоа беше претставен оригинален ракопис на првиот и единствен театарски манифест во Битолскиот театар, пишуван во 1996 година од Владо Цветановски и Владо Ѓорески.
-Мојата креативната соработка во областа на театарскиот плакат помеѓу мене и Христо Бојаџиев е повеќегодишна. Кон визуелно-ликовните елементи применети во создавањето на уметничките плакати, каталози и друг печатен материјал, ние имаме единствен и специфичен пристап. Плакатот не е формална и “фактографска” илустрација, тој е еден од театарските елементи кој што би требало да содржи повеќеслојност со бројни елементи на театарскиот јазик. Животот на театарската претстава е во времето, животот на плакатот е вон времето, тој е сведокот за театарската мисла, чувство, филозофија и творечката животна енергија на секое театарско опстојување, дофатено, пренесено и создадено како искристализирана неповторлива есенција за суштината и посебноста на театарската ретстава. вели Владо Ѓорески – Рафик.
Во својот посветен уметнички ангажман, покрај љубовта кон музиката, која многу често е дел од музичката илустрација за бројни претстави (Бојаџиев е единствен добитник на Стеријна награда за музичка илустрација во претставата „Подземна република“ на Битолскиот театар), вокацијата кај Бојаџиев е и создавањето на посебна, авторска фотографија.
Владо Ѓорески е графички уметник кој што има остварен броен ликовен опус кој што исто така е специфичен. Негова изразита вокација, љубов и познавање е и книжевноста. Овие четири “елементи” според нивната естетика се суштествени во создавањето на нивните уметнички плакати затоа што содржат: слободна, неконвенционална композиција, симболика, алегорија, поетичност, визуелно- литературна асоцијативнос…всушност, нивните искуства, доживувања и живеења со музиката, фотографијата, графиката, литературата, се основен поттик, инспирација и своевидна коавторска синтеза што ја вградуваат во идејната и визуелната елементарност на плакатот.
Ицко и Рафико низ разговори, заеднички размислувања и авторски пристап создадоа над повеќе од стотина уметнички плакати, каталози, низ кои авторската посебност на двајцата е вградена во една заедничка ликовна етида, реку која на некој начин и понатаму живеат бројните претстави во кои најискрено вградиле дел од нивниот живот посветен на театарот – ирационално, спиритистички и без никакви задршки, конвенционалности и канонски ограничувања.
Изработиле колу 150 плакати и сто толку и друг печатен театарски материјал за сите театри во Македонија, како и за тетари во Хрватска, Бугарија, Русија, Франција…
Фото: Дамијана Ристевска
[ngg src=”galleries” ids=”2196″ display=”basic_thumbnail” override_thumbnail_settings=”1″ thumbnail_crop=”0″ order_by=”filename”]











