Фудбалскиот клуб Јени Маале од Битола со својата традиционална забава во ресторанот „Вила Виста“, ја заокружи есенската полусезона од натпреварувачката 2024/2025 година. Настанот беше одлична можност за тимот, навивачите и поддржувачите да се осврнат на постигнатото досега, но и да погледнат кон иднината со оптимизам.
Како што е вообичаено, капитенот Никола Пискачев ја отвори вечерта со својот традиционален говор, правејќи ретроспектива на изминатата полусезона. Иако резултатите не ги исполнија очекувањата на тимот, Пискачев ја истакна кохезијата, другарството и борбениот дух како основа за подобри резултати во пролетниот дел.
Една од главните точки на вечерта беше прогласувањето на најдобриот играч за есенската полусезона. Признанието заслужено го доби Марјан Златевски, кој со своите настапи беше вистински лидер на теренот и инспирација за соиграчите.
На настанот беше потпишан нов договор со генералниот спонзор на клубот, компанијата Реприм, која ќе го поддржува ФК Јени Маале во следните пет години.
Сепак, фокусот на вечерта беше насочен кон возбудливата најава за претстојното гостување во Милано. ФК Јени Маале на 22 февруари 2025 година ќе одигра пријателски натпревар против италијанскиот клуб Брера, што претставува голем чекор за клубот. Овој настан ќе биде реализиран со поддршка на македонската фудбалска легенда Горан Пандев.
Со ова гостување, Јени Маале поставува стандарди кои се недостижни за многу прволигашки екипи, демонстрирајќи дека нивната визија и амбиција одат далеку надвор од локалните рамки. Ова не е само пријателски натпревар, туку и можност за промоција на македонскиот фудбал на меѓународна сцена.
ФК Јени Маале, преку овој историски чекор, ја продолжува својата мисија за развој и поддршка на фудбалот, покажувајќи дека соработка, страст и посветеност можат да водат кон големи успеси.
Марија Пискачева











