Вечерва почнува 16. издание на Фестивалот на музика од светот чиј организатор е Центарот за култура од Битола, а според програмата денес започнува со поетско-музички перформанс на Бранислав Николов и Тихомир Јанчовски како дел од уникатни настапи кои ја слават различноста и богатството на музиката од целиот свет.
Директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска-Илијевски за годишаното издание на Фестивалот рече:
-Денес започнуваме со Фестивалот, а прв настан од овој фестивал е “Волкот на љубовта“, поетска вртешка со Бранислав Николов и Тихомир Јанчовски. Поетско-музички интерпретации на најубавите љубовни песни во современата македонска поезија: стихови од Блаже Конески, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Радован Павловски… Во вториот дел, изведувачите ќе презентираат свои песни, а ќе бидат отсвирени и најслушаните љубовни песни од македонските фестивали на 20-от век. Настанот е на новата сцена со почеток во 20:00 часот.
Утре, петок, од 20 часот на големата сцена на Центарот за култура за свеченото отворање на годинашниот фестивал “Етно симфонија“ со Кармерниот оркестар и специјалните гости, Сузана Спасовска – вокал, Благојче Трајковски – кларинет и Петар Горко – актер.
Сабота од 20 часот исто така на големата сцена на Центарот за култура, Маноло Гименез, препознатливиот глас на „Gipsy Kings“, ќе приреди незаборавен концерт со хитови како „Bamboleo“, „Volare“, „Jobi Joba“ и други. Во декември 2010 година, Манило го напушти бендот за да формира своја циганска формација во јануари 2011 година: „MANOLO voice of Gipsy Kings“, со која ја претставува големината на неговиот непогрешлив глас ширум светските сцени. Со над 2 милиони продадени албуми, Маноло плени со својот харизматичен настап, мешајќи каталонска румба, фламенко и поп музика. Секој негов концерт е вистинска прослава и покана за танц!
На последната вечер од овој фестивал на 1 декември в недела од 20 часот „Балкан мјузик проџект“, Дувачки квинтет Македонија и Дувачки квинтет на Белградската филхармонија. Илија Илиевски – Дувачки квинтет, Дејан Деспиќ – Вињети оп.43, Андре Капле – Персиска суита за десет дувачи, Владимир Димовски – Српска суита за десет дувачи, Владимир Димовски – Македонска суита за десет дувачи. Дувачки квинтет Македонија – ансамбл составен од врвни музичари од НОБ, кои со своето долгогодишно искуство донесуваат нов звук во камерната музика. Дувачки квинтет на Белградската филхармонија – етаблиран ансамбл со настапи на престижни фестивали како БЕМУС, НОМУС и многу други, познат и по работилници за музичко образование.











