Maкедонскиот шампион Еурофарм Пелистер утре во Битола го очекува последниот настап во Лигата на шампионите оваа година. Во Битола доаѓа полскиот првак Висла Плоцк, кој е во битка со нашиот тим и со данската Фредериција за последното место што води во елиминациите.
Филип Ивиќ заедно со Никола Митревски го сочинуваат голманскиот тандем на Еурофарм Пелистер оваа сезона. Ивиќ смета дека токму овој натпревар е најважниот за нив во оваа полусезона, бидејќи со победа ќе си го отворат патот кон осминафиналето.
-За нас следи најважниот натпревар во полусезоната. Со победа си отвораме пат за место во елиминационата фаза и мораме да дадеме максимум и носени од нашата публика ќе се обидеме да победиме. Висла е врвна екипа, вложува многу во структурата на клубот и полскиот ракомет. Кога играв за Киелце, тогаш победувавме и во првенството и во Купот, а сега нешто се промени. Иако Киелце е мој клуб во Полска, драго ми е за развојот на Висла заради хрватските ракометари и мои пријатели, Михиќ, Алиловиќ и останатите, вели Ивиќ и додава:
-Нашата екипа е спремна, со новиот тренер добивме нов „ветер во грб“ и мислам дека сме на добар пат да покажеме колку можеме. Висла е врвен ривал, но за нас најважно е да го оставиме срцето на терен. Четирите бода многу ни значат, но мислам дека можевме да имаме и некој бод повеќе. Сепак, можевме и да имаме некој бод помалку. За разлика од минатата сезона и долгото отсуство од Лигата на шампионите веќе направивме исчекор. Ова е само почеток, овој клуб и овој град заслужуваат многу повеќе. Јас лично и целиот клуб работиме напорно на прогресот, да освојуваме бодови и да се надградуваме. На почетокот тоа изгледаше како само да учествуваме во Лигата на шампионите, но тоа нам како спортисти воопшто не ни се допадна. Имаме четири бода, ни следат уште неколку натпревари и ќе се обидеме да собереме уште повеќе бодови. Победата во Данска ни даде голем „ветар“ за понатаму.










