По повод „4-ти Ноември“ Денот на ослободувањето на Битола, во библиотеката на Горната Гимназија се одржа литературно читање на кое ученици интерпретираа свои творби на тема „Мојата Битола“, а беше рецитирана и поезија со патриотска тематика посветена на НОБ.
Литературната вечер во пригодно подготвениот амбиент на училишната библиотека во Гимназијата, имаше натпреварувачки карактер, а настапија дваесеттина ученици од сите школски години. Тричленото жири составено од професори по литература , додели три награди за интерпретација и три награди за лична творба.
За интерпретација на поезија, првото место го освои Викторија Котевска од четврта година, за песната ,,Македонија“ од Анте Поповски и ,, Ние сме безбројни“ од Ацо Караманов, второто место и припадна на Сара Димовска од четврта година, за рецитацијата на поемата „Крвава Бајка“ од Десанка Максимовиќ, а трета беше Јована Михаела Цингар од четврта година за изведбата на песната „1941“ од Коле Неделковски.
Во категодијата на лични творби, првонаградена беше творбата „По калдрмите на мојата Битола“ на Јована Станојовска од втора година, втората награда и припадна на Бесјона Јусуфи исто така од 2 година, за творбата „Песна за Битола“ , додека треторангирана беше Христина Костова со својата песна „Срцето за родниот крај ми трепери“.
Сите награди се состоеја од книги од битолскиот писател и поет Радован П. Цветковски од неговата неодамнешна донација на негови дела на училишната библиотека при Гимназијата „Ј.Б. Тито“ како и пофалници за освоените места. На сите учесници на рециталот и чествувањето по повод „4 ти Ноември“ Денот на Битола им беа доделени благодарници за учество. Благодарници добија и ученичките од втора година Теодора Крстевска и Анастасија Арсова кои дадоа особен придонес во организацијата и реализацијата на овој литературен настан.
Инаку, во рамките на чествувањето на празникот на Битола, „4-ти Ноември“ беше отворена и ликовна изложба под наслов „Рајот е библиотека“ со ликовни творби на ученици од Гимназијата.
Д.Р.






