Отворањето на изложбата „Ехо на вековите: Од Курбиново до модерна Италија“ ќе се одржи на 23 септември 2025 година во 20 часот, во свечената сала на Офицерски дом – Битола, во рамки на 46-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Изложбата претставува уникатна синтеза на уметничко создавање и историско истражување, родена како природен исход од проектот „Ехо на вековите: Од Курбиново до модерна Италија“.
Преку фотографии, графики и видео арт, делото ги документира, анализира и повторно интерпретира длабоките врски меѓу византиската и ренесансната уметност, поврзувајќи го духовното наследство на Македонија со современите италијански уметнички тенденции. Во рамки на изложбата ќе биде промовирана и истоимената билингвална македонско-англиска публикација. Посебен акцент во програмата зазема уметничката инсталација „Crypto Ajvar – Нанижана Ренесанса“.
Во време кога уметноста сè повеќе се претвора во финансиски инструмент, „Crypto Ajvar“ е уметнички коментар, провокација и концептуален одговор на современата економија и културна динамика.
Нанижаната црвена пиперка, оставена да се суши, не е само традиционална сцена од македонските села во септември, туку и нов симбол – локален одговор на глобалните уметнички трендови. Промотори: Киро Урдин Владо Ѓорески.