Пелистер во минатото коло во Битола загуби во дербито со МЗТ Скопје, но ќе сторат се за што поскоро да се вратат на победнички патеки. Задачата не е нималку лесна, ако се знае дека „пелистерци“ денес гостуваат на Куманово, каде домашните навивачи најавуваат полнење на салата и создавање на одлична атмосфера.
-Играме меч што воопшто нема да биде лесен, на гостински терен на кој домаќиите според информациите за првпат сезоннава ќе играат пред своите навивачи. Тоа ќе создаде дополнителна атмосфера, но воедно и предизвик кој со задоволство ќе го прифатиме. Куманово оваа година располага со тим составен од искусни и квалитетни кошаркари, но тоа не значи дека ќе се предадеме пред да започне натпреварот. Напротив — ќе влеземе максимално подготвени и мотивирани, вели Дамјан Крстевски, кој прикажува одлични игри во дресот на Пелистер на последните натпревари.
Според крилниот кошаркар, клучната битка ќе се води под обрачите, каде Пелистер ќе мора да одговори на скок-играта на кумановци.
-За да дојдеме до победа, клучна ќе биде цврстата дефанзива под кошевите, како и контролата на офанзивниот скок на противникот. Една од нашите предности е играта во транзиција, која може многу да ни донесе. Ако ги испочитуваме тие елементи, верувам дека имаме реални шанси да излеземе како победници, истакнува Дамјан Крстевски.
Американецот Кевин Брејси Дејвис, кој се наметна како еден од клучните играчи во тимот на Пелистер, верува дека може да се стигне до резултатот што сите во Пелистер го посакуваат.
-Секако дека сакаме победа во Куманово, верувам дека сме способни да одиграме на највисоко ниво и да триумфираме на овој гостински меч. Против себе имаме квалитетен тим, состав што е особено силен во рекетот, така што не очекува голема борба за секоја топка. Мораме да покажеме висока енергија ако сакаме да славиме над ваков ривал. Колективност во нападот, максимална ангажираност во одбраната, тоа е она што треба да се направи во текот на сите 40 минути. Сметам дека не треба да менуваме премногу во однос на последните мечеви без оглед што ги загубивме, она што треба да се поправи е да обрнуваме внимание на деталите во одбраната, вели Брејси Дејвис во пресрет на денешниот дуел со кумановци, кој започнува во 19 часот.










