Боро Даскаловски тренер на Пелистер од Битола има причина за задоволство откако неговиот тим одигра одлично второ полувреме по кое излезе како победник од жешкиот терен во Куманово.
„Зелено-белите“ беа одлични во клучниот дел, беспрекорно ги затвораа приодите кон сопствениот кош, наоѓаа вистински решеија во нападот и на крајот заслужено славеа, прекинувајќи ја мини-серијата од три порази (два во ФИБА Европскиот куп, еден во домашното првенство.
„Најважно од се е што играчите имаа сосема поинаква енергија, она што го зборувам од почетокот, секогаш кога имаме енергија и агресивност, имаме резултат. Секако, треба време, нова екипа сме, играме во силен ритам два меча неделно и нема премногу време да работиме на овој аспект. Секако, среќни сме што успеавме како гости да славиме против силен ривал како Куманово, тоа е потврда за нашиот квалитет, потврда за играчите дека се што се работи и на трениннзите и на скаутингот, дека се се вклопува и се движиме во вистинска насока… кошарката е игра на детали и јас верувам дека се ќе се поклопи… Добро е што во второто полувреме со Куманово бевме на едно потребно ниво, особено дефанзивно и очекувам во ист стил да продолжиме и во наредниот период“, вели тренерот Даскаловски.
Следен предизвик е утрешниот дуел со Керавнос од Кипар во последното коло од ФИБА Европа купот. Шансите за пласман во следната рунда се загубени, но кај „пелистерци“ постои решителност да се стигне до победата како реванш за поразот во Никозија, со што би било освоено третото место во групата.
„Ние од самиот почеток на европската сезонна гласнно кажавме дека цел ни е да се претставиме што подобро, да забележиме што повеќе победи за нас како клуб, за нашиот рејтинг и за македонската кошарка. Досега за жал имаме само една победа, но говорам во името на сите во клубот кога велам дека сакаме уште една радост на европската сцена. Нема да ни биде лесно, играме со тим што во 2020 бепе дел од групната фаза на ЛШ, Керавнос дваесетина години е дел од ФИБА натпреварувањата и го поседува европското искуство што нам ни недостига. Тие се солидна екипа, имаат 7-8 странци кои го диктираат темпото, но верувам дека конечниот исход ќе зависи од нашето издание. Ако бидеме на посакуваното енергетско ниво како второто полувреме во Куманово можеме да се надеваме на позитивeн исход“, порачува Даскаловски во пресрет на утрешниот дуел.









