Бекстејџот на Креативен ден, во фоајето на НУ Театар Битола, беше претворен во вистинско бјути-студио исполнето со енергија, мириси на парфеми и креативност. Тука, мејкап артистите и фризерите ја одиграа клучната улога во финалниот изглед. Косата доминираше како моќен визуелен момент – од софистицирани холивудски бранови до драматични
и авангардни форми што го привлекуваа секој поглед.
Филмските ликови оживеаја на сцената во НУ Театар Битола, претворени во впечатливи модни визии каде секоја креација беше совршено надополнета со внимателно избран мејкап и фризура.. Од препознатливиот гламурозен изглед со црвен кармин и меки холивудски бранови од “Pretty Woman“ и “Breakfast at Tiffanys“, до природната сензуалност и разлеана коса од “Malèna“. Гламур инспириран од 20 тите во ликовите од филмот “Chicago“.
Контрастот се надополни со драматични, скулптурални фризури и впечатлив, посилен мејкап инспириран од “Clash of the Titans“, како и со елегантната, минималистичка софистицираност од “Sabrina“. Разиграни, модерни и експресивни изгледи донесоа “Barbie“ и “101 Dalmatians“, додека слободниот, бунтовен стил на коса и природен мејкап беа инспирирани од мјузиклот “Hair“ и ориентот во серијата “Шербет од Брусница“.
Посебен впечаток остави и инспирацијата од “Maleficent“, со моќен, драматичен мејкап : остро контурирано лице, темни усни и впечатлив поглед, надополнет со скулптурална фризура… Со ова, секој изглед на сцената беше визуелна интерпретација на филмска приказна преку шминка и фризура.
Секоја дама на сцената беше повеќе од модел – таа беше лик. За изгледот на моделите се погрижија : “Атоник“, “Be Beauty“, “Lumiere“, “Studio Aјten“, “TeART Studio“, “Art i Beyond Beauty“, “Симона – make up“ и “Поинаква“.
Со внимателен пристап, тие создадоа шминка и фризури што совршено се вклопија со филмските инспирации. Токму овие уметници во сенка го создадоа оној финален сјај што ги
претвори дамите на сцената – самоуверени и блескави.
Настанот беше спој на мода, филм и уметност, каде дамите блеснаа како современи филмски хероини.
Ж. Ристевска
Фото: Дамијана Ристевска











