Кошаркарскиот клуб Пелистер од Битола продолжува со формирањето на ростерот за новата сезона, а четврто ново име во битолскиот состав е Иван Сапунџиев. Искусниот бек се договори за кам-бек во Битола и повторно ќе го облече „зелено-белиот“ дрес. Сапунџиев претходно беше дел од Пелистер во периодот од 2022 до 2024 година, кога настапуваше со битолчани во домашниот шампионат и во АБА2 лигата. Станува збор за 31-годишен кошаркар, висок 197 сантиметри, кој зад себе има богато искуство на македонската кошаркарска сцена. Во досегашната кариера Сапунџиев ги бранеше боите на Карпош Соколи, Фени Индустри, Вардар и ТФТ Скопје, а сега се враќа во добро позната средина и ќе биде дел од новиот проект на Пелистер.
Кошаркарскиот клуб Пелистер е еден од најактивните на тренсфер-пазарот ова лето и продолжува со комплетирањето на ростерот за сезоната 2026/27, а најново засилување на битолскиот клуб е македонскиот кошаркар Виктор Златевски. Двете страни потпишаа едногодишен договор, а 25-годишниот бек ќе му се стави на располагање на стручниот штаб уште од првиот ден на подготовките за новата сезона. Златевски во Битола пристигнува од редовите на Феникс 2010, каде што зад себе има солидна сезона. Во просек бележеше 10,7 поени, 1,6 скока и 2,6 асистенции по натпревар, потврдувајќи дека станува збор за играч кој може да придонесе на двете страни од теренот. Во својата кариера настапуваше и за Гостивар, Работнички и ФМП Академија, а своевремено беше и член на младинската репрезентација на Македонија до 18 години.










