Press "Enter" to skip to content

Вечерва почнува 47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола

Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ вечерва ќе го започне своето 47. издание. Свеченото отворање е закажано во 20 часот во Центарот за култура во Битола, со проекција на филмот „Скејтањето не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума. 

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, во продукција на „Сестри и брат Митевски“ и ја следи приказната за три генерации жени кои се соочуваат со судирот помеѓу традицијата и современите предизвици, раскажана низ перспективата на 12-годишната Адела, сместена во енергичната ромска заедница во Шуто Оризари.

Тензијата во филмот произлегува од судирот со традиционалните вредности и општествената маргинализација, додека ликовите се борат за опстанок, достоинство и заедништво.

Главните улоги ги толкуваат Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула. Сценариото е на Дина Дума, во соработка со Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, директор на фотографија е Фредерик Ноaром, а продуцент е Лабина Митевска.

Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм, како и од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија и Хрватска, и фондовите „Еуримаж“ и  „Медиа“

Во Битола веќе пристигнаа првите гости. Црвениот килим е поставен пред Центарот за култура во Битола. Градот го добива сјајот на филмскиот фестивал во чест на браќата Манаки и е подготвен  за вечерашното отворање. 

Фото: Дамијана Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »