Денес се закажани две суперлигашки дерби натпревари на битолските екипи во Скопје и двете во салата “Јане Сандански“ во Скопје. Кошаркарите на КК Пелистер ќе играат дерби натпревар против тимот на МЗТ Скопје со почеток во 14 часот, а попладне во 17,45 во истата сала ќе се игра вечното ракометни дерби Еурофарм Пелистер – Вардар.
Кошаркарите на Пелистер преку Алонзо Денинг го најавија натпреварот против МЗТ Скопје, а тој рече:
-За натпреварот против МЗТ се подготвуваме како и за секој друг натпревар. Анализираме поединечни играчи и акции, додека тренерите прават план на игра кој треба да го следиме против противникот. Работата на играчите е да го почитуваат планот на игра. Иако нема да биде лесно, очекувам победа доколку спроведеме сè што е договорено.
Првото сезонско дерби од македонското „Ел класико“ ќе се одигра вечер во СЦ „Јане Сандански“ пред полни трибини. Од Вардар веќе објавија дека сите билети за најголемото дерби на македонскиот ракомет се распродадени! Најавено е присуството на двете навивачки групи – Комити и Чкембари, па дербито ќе биде во полн сјај со повеќе од 6.000 гледачи.
-Натпреварот за кој не важи што било досега, туку што ќе се случува во тие 60 минути. Што го чекаат и оние кои не следат ракомет. Што го гледаат и тие за кои не важат бодовите од македонската Суперлига. Натпреварот по кој голем дел од нашите играчи, клупскиот дрес ќе го заменат со националниот, порачаа од Еурофарм Пелистер.











