-Над 160 странци научија и изведоа седум композиции од македонски автори, а со Големиот симфониски оркестар на Бишкек, хорот на Националната опера на Киргистан и уште шест гостински хорови од странство, диригираше маестро Сашо Татарчевски од Битола
Mакедонски композиции беа изведени на гала-концертот во Националната опера на Киргистан во Бишкек.
Под диригентската палка на истакнатиот македонски диригент маестро Сашо Татарчевски на сцената настапија Големиот симфониски оркестар на Бишкек, хорот на Националната опера на Киргистан и уште шест гостински хорови од странство.
-Над 160 странци научија и изведоа седум композиции од македонски автори. Неколку концерти – свечено отворање, концерт на духовна музика во катедралната православна црква во Бишкек и завршен гала концерт во прекрасната сала на националната опера и балет на Киргистан. Полни аудиториуми. Досега, на 13 изданија на форумот, огромен број странски хорови научија и на својот репертоар ги ставија над 50 хорски и вокално-инструментални композиции од македонски автори. Освен тоа, научија и за развојот на македонската музика, за македонскиот фолклор, географија и историја. Ние ќе продолжиме и понатаму на ист начин и со уште посилно темпо и поголема одлучност, затоа што имаме идеја која не се базира на собирање PR поени, туку вистинско промовирање и ширење на нашата прикаска и нашата култура, вели маестро Татарчевски.
Маестро Сашо Татарчевски е роден во Битола, каде го започнал своето музичко образование. Потоа својата музичка наобразба ја продолжил на катедрите за оркестарско и хорско диригирање при Факултетот за музичка уметност во Скопје. Исто така, посетувал и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Санкт Петербург и Фиренца, каде соработувал со познати светски диригенти.
Редовно настапува со реномирани оркестри и хорови низ целиот свет, освојувајќи бројни меѓународни награди и признанија и афирмирајќи ја македонската култура ширум светот.











