Еурофарм Пелистер во Битола ја оствари првата победа во групната фаза од Европската лига и остана во трката за пласман во следната рунда. Тренерот Лино Червар по триумфот над Гумерсбах 29:28, ја истакна борбеноста на целата екипа и вели:
-Беше тежок, многу тежок натпревар. Но, сакам да и се заблагодарам на нашата публика. Честитки за играчите, ова е голема победа. Да победиш германска екипа не е мала работа. Имавме пет гола негатива, требаше да се врати екипата, а тоа беше еден голем предизвик за сите нас. Но, требаше да и се даде едно вакво задоволство на битолската публика. Oва e олема победа, но за два дена имаме нов тежок натпревар против Алкалоид, па следува Охрид. Затоа немаме многу време за славје, иако ова е една многу убава вечер. Задоволен сум и среќен сум за Битола, за луѓето кои овде ме примија многу убаво. Секогаш велам дека тимот е најдобриот играч, а вечерва таков беше нашиот тим. Можеби некој не веруваше во тоа, но почна Самоил да игра, па Фитиљ, па сите… и на крај тоа ни донесе голема победа. Јас не се лутам на тие критики за играта „седум на шест“. Тоа ме тера да бидам уште подобaр, да размислувам повеќе. Кај таа тактика е најважна реализацијата. Но, тоа мора да се тренира и тренира и да се игра со самодоверба.
Искусниот македонски голман Никола Митревски не го криеше задоволството од големата победа над еден од најдобрите германски клубови.
-Прекрасно, уживање беше да се игра ваков натпревар, пред ваква публика. Голема благодарност за сите присутни, особено до навивачката група “Чкембари“ која нè бодреше од почеток до крај. Успеавме да се кренеме, имавме шанси и во првото полувреме, но во второто одигравме како што сакаме и како што знаеме. Честитки за противникот за фер и коректниот натпревар, а исто така честитки и за моите соиграчи. Беше вистинско уживање на ваков начин да се победи еден бундеслигаш, рече Митревски.
Во следното коло пелистерци на свој терен ќе го пречекаат тимот на Гдањск, додека во последниот натпревар гостуваат кај Ла Риоха.










