Еурфарм Пелистер синоќа во Битола со победата над Татран Прешов им се врати на победите во СЕХА лигата. На официјалната прес-конференција по натпреварот зборуваа помопник тренерот Божидар Мојсов и левото крило Гоце Ојлевски.
Во отсуство на првиот тренер, Жељко Бабиќ, Мојсов рече:
-Честитки за гостите за одиграната партија, мислам дека го дадоа максимумот на овој натпревар. Знаевме дека ќе играат само со 11 играчи во својот ростер, но тоа не значи дека нашите ракометари не одиграа добро. Играчите одговорија на сите зададени задачи и среќен сум што одиме во нагорна линија, имаме многу енергија и се надевам дека така ќе продолжиме.
Гоце Ојлевски додаде дека победата е сосема заслужена:
-Одигравме фер и коректен натпревар. Можеби противникот се соочува со многу проблеми, но не треба да заборавиме и ние имавме густ распоред во последниот период. Одигравме одлично, одговоривме на сите барања на стручниот штаб и мислам дека заслужено победивме. Се надевам дека и така ќе продолжиме и на следниот натпревар против Кадетен Шафхаузен во Европската лига.











