Еурофарм Пелистер вчера отпатува од Битола, во Шафхаузен, Швајцарите каде денес одиграат последниот, десетти, натпревар од групната фаза на Европската лига и ќе биде одреден финалниот пласман, за тоа како и со која екипа ќе се продолжи.
Во Битола останаа голманот Хендави поради немање влезна виза за Швајцарија и повредените Кушан, Кузманоски, Кукуловски и Маџовски.
По шест победи по ред, во сите натпреварувања, битолчани се во најпозитивен момент сезонава, Мирко Радовиќ, за денешниот натпревар вели:
-Нема калкулации од наша страна, патуваме во Шбајцарија да дадеме максимум. На првиот натпревар ремизиравме и имаме нешто да им вратиме. Во одлична форма сме, имаме пет победи во серија и сакаме хемијата да остане на ова ниво. Имаме одличен колективен дух, одиме да се бориме до последниот атом од силите, па ќе видиме дали тоа ќе биде доволно. На првиот натпревар покажаа дека не се предаваат, играат до последната секунда. Ќе биде одличен натпревар и од наша и од нивна страна и се надевам дека ќе им вратиме за првиот натпревар.
И десното крило Ненад Костовски со оптимизам гледа на денешниот натпревар и додава:
-Остваривме пет победи во низа и натпреварот против Татран ни беше многу важен, за да ја задржиме хемијата како досега. Верувам дека ќе издвојуваме добар резултат во Шафхаузен. Се подготвуваме добро, ги анализираме и знаеме дека не смееме да ги потцениме. Кадетен Шафхаузен е одлична екипа. Како што знаете, тука во Битола одигравме нерешено, а тие на домашен терен знааат да одиграат добро. Затоа мора да бидеме сите заедно, цел тим како едно и да се бориме за подобар пласман понатаму во Лига Европа. Натпреварот во Битола заврши нерешено, но ете имаме втора шанса и нам ни преостанува да се обидеме да им вратиме за тоа што го пропуштивме.











