Press "Enter" to skip to content

Џип екскурзија “Битката на Добро Поле“ во чест на 100 годишнината од пробојот на Добро поле (фотогалерија)

Францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние учесник во џип-ексурзијата во која беше поставен споменик на карпата кај Добро поле и оставена француска земја од рововите од Верден, чиј домаќин беше градоначалникот на Новаци, Љубе Кузмановски.

Текст и фото: Сашо Ристевски

 

 

 

 

 

Еднодневната џип екскурзија “Битката на Добро Поле“ беше организирана во чест на пробивот кој се случил на 15 септември 1918 година на 100 годишниот јубилеј.  Во таа екскурзија учествуваа  околу стотина почитувачи на традицијата со трисетина теренски возила – џипови. Тие по три часовно искачување по непристапните стари воени патишта по планината Ниџе стигнаа во месноста Добро поле, каде точно пред 100 години се изврши пробојот на Македонскиот фронт, што е почеток на крајот на Првата светска војна. Пробивот се случил на ден 15 септември 1918 година, а по 100 години на тој ден 15 септември 2018 се одржа и еднодневната џип екскурзија “Битката на Добро Поле“.Оваа џип екскурзија ја организира здружението за запознавање и патување “ОФ РОУД-МАКЕДОНИЈА“ од Битола, најголема заслуга за нејзино одржување има Јове Парговски, кој одлично го организира овој настан без ниту една забелешка од стотината учесници. Нашата екипа имаше чест да земе учество во овој настан и да го проследи. После долгото возење и искачување по непристапните патишта кое наликуваше на „камел трофи“ по повеќе часови стигнавме на месноста Добро поле на околу 1.800 метри надморска височина. Оттука пред нас се протегна  прекрасната глетка на “полето“, а гледајќи низ тишината и убавите планински предели не можевме да претпоставиме какви се страданија се случиле на ова место, каде згаснале животите на околу 6.000 здрави мажи – војници од двете завојувани страни.

Страшните војнички акции за пробојот и дел од страданијата на војниците ги раскажа Роберт Илиевски.-Македонскиот фронт (познат и како Солунски фронт или Јужен) бил фронт на територијата на Македонија, на која што се воделе вооружени судири во текот на Првата светска војна помеѓу силите на Антантата и Централните сили, во периодот од октомври 1915 до септември 1918 година, а вкупно од двете страни на фронтовата линија биле стационирани околу 1.200.000 војници. За време на Првата светска војна од сите делови на Македонија биле мобилизирани околу 200 илјади луѓе, односно во српската војска околу 50 илјади, во бугарската околу 120 илјади и во грчката околу 20 илјади. Се претпоставува дека делот во близина на фронтовата линија процентот на смртност  бил над 60 %, рече Илиевски, кој за самиот пробој сликовито раскажа на самото место како се одвиваа нападите и кој од која страна напаѓаше и се бранеше, за српските војници, за колонистичките, француските, каде беа митролеските гнезда, како изгледал теренот по бомбардирањето кое траело цел ден.

-На овој ден, при вакво време како што имаме денес, топло и ведро, се случил пробојот на Македонскиот фронт. Тука на ова поле се случил пробојот, во кој под команда на српскиот генерал Живојин Мишиќ се пробила фронтовата линија, која ја бранеле Бугарите и Германците. На ова место каде денес стоиме немало ни педа земја која не била погодена од гранатирањето, а за тоа сведочат и снимките направени на денот 14 септември, во време од половина час додека траело затишјето од паѓањето на бомбите. Многу фотографии сведочат за ужасите на таа војна на тој ден, рече Илиевски.Додека траеше историскиот час за нас, на само десетина места беше историскиот час и за Французите, кој го одржа Frank Roger.

Потоа на карпата каде во 1938 година на 15 септември, делегација од Франција  постави споменик (кој подоцна исчезнува) на местото кое и денес е познато како „Бронзена рака“, беше поставен ист таков споменик и беше исто како 1938 година оставена земја од Франција. Потоа зборуваше Јове Парговски, организатор на оваа џип-екскурзија.-Во село Градешница од кое потекнувам и јас добро е позната приказната за споменикот “Бронзена Рака“ кој во 1938 година бил поставен на Добро Поле. Според приказната, раката на некој војник била откината од граната за време на пробојот на Добро Поле, по што тој ја завиткал во платно и ја скрил под оваа карпа. Според кажувањата на селаните кога дошол 20 години покасно на истото тоа место, тој нашол коски под карпата. На тоа место тогаш бил поставен споменик, кај локалното население познат како споменик “Бронзена рака“. Споменикот покасно исчезнува, но помеѓу локалното население ден денес се кажува таа приказна, иако многу од жителите и воопшто го немале видено споменикот, па од приказната се добива впечаток дека се работи за бронзен споменик во облик на рака. Во 2012 година Франк Роџер и Фабиен Шефе од здруженито на ветерани од Франција (“Association Nationale pour le souvenir des Dardanelles et Fronts d’ ORIENT”) со помош на локалното население ја откриваат карпата на која бил поставен споменикот и заедно со документацијата која ја објавуваат, фрлаат ново светло врз оваа приказна, а за војникот кој ја загубил раката Парговски рече:-Имено, војникот кој ја загубил раката бил Marcel Ganguilhem (1895-1949) познат под уметничкото име “Cel-le-Gaucher” во превод “Левак“. Марсел учествувал при пробојот во битките околу врвот Сокол каде ја изгубил својата десна рака. По војната користејќи ја само својата лева рака изработува споменик,  кој по повод 20 годишнината од пробојот е поставен токму на Добро Поле, како би се одбележала важноста на оваа локација. Француската делегација била предводена од писателот Louis Cordier и броела повеќе од 200 ветерани од Добро Поле и Верден. Заедно со локалните власти била организирана свеченост и споменикот бил поставен на 15 септември 1938 година, а воедно на тоа место и симболично била истурена земја која ветераните ја носеле од рововите во Верден.

Иницијатива за обновување на споменикот кој постоел на Добро Поле е со подршка на фамилијата на Marcel Ganguilhem и е изработена копија, која на на 14 септември е поставена во Француските гробишта во Битола.-На карпата на која стоела спомен плочата денес јасно се видливи трагите и нашата првична идеја беше да се обнови споменикот токму на оваа локација. Сепак, треба да се има во предвид дека Добро Поле во Мариово е на некој начин и заборавена локација, која годишно ја посетуваат помалку од 20 лица. Во Франција е изработена само една копија, која иницијаторите решија на 14 септември 2018 година да ја постават во Француските гробишта, каде би била достапна за поголем број на посетители. Сепак, се надевам дека во блиска иднина ќе успееме повторно да ја заживееме локацијата Добро Поле, што воедно е и една од целите на оваа екскурзија, па ќе успееме да поставиме една копија и таму, вели Парговски.

По церемонијата истурање на земја од Верден на истото место издлабено во карпата, од страна на француската делегација, Парговски и градоначалникот на Новаци, Љубе Кузмановски  се обрати и рече:-Ја поздравувавам идејата на Парговски и неговиот пријател од Франција, ,на ваков начин да се одбележи овој историски датум на ова место на територијата на општина Новаци, Мариово. Сакам на овој ден да им оддадеме почит на сите загинати во оваа битка, и да порачам овие настани да не се повторат, а со едноминутно молчење да им оддадеме почит на жртвите.

Некаде на половина пат до пристигнувањето до Добро Поле, учесниците застанаа кај месноста “Црквиште“, во дворот на манастирот “Св. Атанасие“, а таму беше и амбасадорот на Франција во Македонија, Тимоние. Тој од градоначалникот на Новаци, Љубе Кузмановски и домаќинот на манастирскиот компекс Иле Јошевски беше запознат со историјата на манастирот и со пределот околу него. Амбасадорот Тимоние и учесниците во ексурзијата уживаа во прекрасниот поглед од таа височина од каде се гледа најголем дел од Мариово.Обраќање за историјата на овој крај имаше Јове Парговски  кој ги запозна учесниците со дел од локациите каде се одвивале некои од поважните битки, како течел пробојот на фронтот. Од таа локација има и добар панорамски поглед врз останати места во овој пограничен предел. Парговски зборуваше и за животот на локалното население за време на војната, а на учесниците им беше поделен печатен материјал за локациите и за Добро поле со историски информации, отпечатен на македонски, англиски и франсуски јазик.По комеморативните активности, на крајот од денот, учесниците по повеќе од два часа слегување од Добро поле, пристигнаа во село Зовиќ каде имаа можност да пробаат традиционална храна во етно-куќата „Кај мостот“ на Митко Крстевски, кој е позитивен пример како делови од Мариово повторно можат да заживеат.На крајот од денот гостите и учесниците во џип-турнејата беа кај филмскиот мост и таму ги направија последните фотографии за спомен на прекрасно поминатиот ден, за кој сите поединечно му се заблагодарија за одличната организација и испланирано време на организаторот, Јове Парговски.

More from МакедонијаMore posts in Македонија »

Be First to Comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mission News Theme by Compete Themes.