Оваа година КУД “Илинден“ – Битола одбележува 65 години од основањето, 65 години културно творештво, 65 години опстојување, 65 години горди чувари на македонската традиција.

Амбасадори на македонскиот фолклор и традиција насекаде низ светот, добитници на престижни награди и признанија, меѓу кои Гран при во Монт Дор Франција, прво место на еден од најреномираните фолклорни фестивали во светот, В.Британија, како и највисокото признание на Битола-наградата 4 ти ноември и други. За жал заради здравствената криза предизвикана од вирусот Ковид 19, одбележувањето на овој значаен јубилеј е во прилагодена форма, согласно соодветните протоколи.

-Сепак покрај “он-лајн“ претставувањата и учеството на Републичкиот фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови”, се одлучивме за јубилејна програма овој месец, која ќе биде само дел од прославата 65 години КУД “Илинден“ – Битола. Оваа јубилејна програма организаторите ја сместија токму во месец август, месецот на патронот Илинден и ќе се состои од – ревија на народни носии и концерт на традиционална музика и игра, вели Антонио Димитровски, претседател на КУД “Илинден“.

Концепцијата на концертот на традиционална музика и игра е на уметничкиот раководител Александар Стефановски, а реализацијата е во соработка со раководителот на оркестар Славе Наумовски, гардероберот Филип Јаковлевски, корепетиторите Николче Ангелковски и Никола Пецаковски и стручните соработници Валентин Соклевски и Љупка Стефановска. Концептот на ревијата на народни носии е на Филип Јаковлевски, гардеробер во КУД Илинден.

Двата настани ќе бидат од полуотворен тип, заради здравствените протоколи и малиот капацитет на КЦ Магаза каде ќе биде ревијата и на амфитеатарот на Тумбе кафе каде ќе биде одржан концертот.

КУД “Илинден“ во својот состав има 320 членови, кои активно учествуваат во зачувувањето на македонските традиционални игри и песни. Пред две години покрај многубројните настапи беше потпишана и повелба за збратимување со КУД. Далмација од Дуги Рат, Хрватска.

Во далечната 1955 година официјално е земено името Илинден за ова друштво, иако како фолклорна група постои и неколку години пред тоа. КУД. Илиден во текот на своето постоење, ги освои сите светски меридијани и светски сцени, пренесувајки го македонскиот фолклор. Илинден е изворот од кој се пие првата голтка љубов кон народната култура. Секоја година КУД. Илинден бележи од 40 до 100 настапи.

Карактеристична е богата колекција на оригинални носии.

Ова културно уметничко друштво , над 6 децении ја изучува и оживува македонската фолклорна традиција, чувар на традицијата и амбасадор на битолската и македонската народна култура ширум светот.






