Поради пандемијата со коронавирусот, 41-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ годинава нема да се одржи во својата традиционална форма, туку ќе биде одбележан само еден ден, на 19 септември во Битола со еден централен настан и неколку онлајн активности.
Претседателот на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) Игор Иванов – Изи на денешната прес-конференцијата соопшти дека при носењето на одлуката ги земале предвид искуствата од европските и светски фестивали, во консулатција со своите членови, како и по серијата состаноци одржани онлајн и следење на состојбата.
-Ова беше тешка одлука. Не беше лесно да ја донесеме. Никој не е среќен со неа. Но, сметаме дека направивме вистинска одлука и дека тоа времето ќе го покаже, рече Иванов – Изи.
Директорката на фестивалот Гена Теодосиевска, пак, посочи дека не била среќна кога ја слушнала одлуката на Управниот одбор и на Собранието на ДФРМ, но дека до крај ќе ја испочитува.
На централниот настан во Битола ќе се обратат покровителот на фестивалот, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, претседателот на ДФРМ, Игор Иванов Изи.
Со видео порака ќе се обратат и претседателот на ИМАГО, Кеес ван Острум и лауреатот на Златната камера 300, Јануш Камински. Исто така, Македонската телевизија ќе прикаже по еден филм од добитниците на наградите.
Познатиот македонски режисер и сценарист Столе Попов е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за 2020 година, а нагрaден со „Златна камера 300“ за животно дело е полско-американскиот кинематографер и оскаровец Јануш Камински.
Највисоката фестивалска награда Златна Камера 300 за животен опус ја доби полско – американскиот кинематографер Јануш Камински, кој е и најмлад досегашен добитник на оваа нагррада на фестивалот „Браќа Манаки“.
Директорката Теодосиевска соопшти дека Камински бил почестен со оваа награда, дополнително и заради тоа што добро го познава делото на браќата Манаки. Тој изразил благодарност и желба идната година да ја посети Битола и фестивалот.






