Синоќа на вториот фестивалски ден од “Битола отворен град“ во античкиот локалитет Хераклеја Линкестис во близина на Битола, се одржа концерт на кој настапија музичките групи “Супер хикс“, “Фолтин“ и “Pluto’s Doubts“.
Последни на концертот се појавија членовите на музичката група “Супер хикс“ кои ги стоплија срцата на битолчани во Хераклеја и кои уживаа во прекрасните стари хитови на оваа група по кои е препознатлива, а за нивните обожаватели во Битола ја исполнија и најновата песна “Скарантин“.
Фронтменот на “Супер хикс“, Петар Младеновски им се заблагодари на организаторите за поканата за нивниот настап во Битола по дури шест години, и рече дека се надева дека за друг настап пред битолчани нема да се чека толку долго време.
Членовите на групата во Битола направија добра забава во која сите уживаа, но како им порачаа да се забавуваат со почитување на сите протоколи.
Претходно на сцената во Битола се појави групата “Фолтин“ која е една од најпознатите групи од Битола. Музиката на “Фолтин“ обично која се опишува како надреална, страсна и жива, со жешка танцувачка атмосфера, која ја постигнуваат со брзите македонски ритми, во Хераклеја беше реалност и никој не го остави рамнодушен.
Бранислав Николов и групата „Фолтин“ имаат богата концертна активност, а синоќешниот нивни настап пред битолчани ќе биде дел од нивното концертно си-ви.
Први на сцената на Херајлеја во Битола се појавија дечките од бендот “Pluto’s Doubts“ што е бенд и е опасен тренд, како самите велат. Тие го претставија нивниот прв албум “Сизиф“.
-Во 2002 започнавме со организација на меѓународниот младински арт фестивал „Битола отворен град“. Во изминатите 18 изданија на фестивалот, организирани беа над 200 културни настани со учество на повеќе од 500 млади уметници од над 40 земји во светот. За разлика од изминатите изданија на овој фестивал љубителите на музиката од Битола и пошироко не можеа да уживаат во странски музички групи, поради корона кризата, организаторот МКЦ-Битола се одлучи за домашни групи, кои предизвикаа големо внимание, ќе рече Сашо Додовски, од МКЦ “Битола“.
Поради мерките и протоколите за организирање на концерти во Хераклеја концертот го проследија само оние битолчани кои претходно он-лајн обезбедија бесплатна влезница.
Денес, сабота, 5 септември на последниот ден на “Битола отворен град“ во пациото на Завод и музеј Битола, од 21 часот ќе настапат “Вел“, “Mooger Fooger“ и Горан Трајкоски.
С. Ристевски
[ngg src=”galleries” ids=”582″ exclusions=”6256″ display=”basic_thumbnail” override_thumbnail_settings=”1″ thumbnail_crop=”0″ images_per_page=”26″]






