Еурофарм Пелистер денес во Битола, на домашен терен го игра првиот дуел од осминафиналето во Европската лига, а го пречекува Бундес-лигашот, Магдебург. Со четири победи и еден нерешен резултат, тимот од Битола се избори за четвртото место во групата “Д“ на Европската лига и со тоа ќе игра елиминациони натпревари.
Бундеслигашот е изразит фаворит во двомечот, но тренерот на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ смета дека вечерапниот натпревар е награда за одличната групна фаза на екипата, а за Магдебург вели:
-Мислам дека остваривме многу добар резултат, сите сме горди на пласманот во осминафиналето. Среќни сме што ни доаѓа моќна германска екипа како Магдебург, екипа која е во врвот на првенството на Германија. Но, во спортот не се живее од минатото, па ние ќе направиме сè добро да се презентираме и да најдеме што е лоша страна на Магдебург, а за карактеристиките и силните страни на Германците.
-Тие играат многу брзо, брза транзиција и брз проток на топка. Имаат на сите надворешни позиции пониски ракометари, кои се моќни во играта „еден на еден“. Магдебург има крила кои скокаат од мали агли и имаат висок процент на реализација. Имаат и подвижна одбрана и можам да набројувам уште многу работи. Тие неслучајно се втори во Бундеслигата, но ќе повторам уште еднаш: Без оглед на сите нивни квалитети, ние ги знаеме нивните слабости. Секој противник има свои слабости и со ментална агилност ќе ги пореметиме и верувам дека тие ќе имаат големи проблеми во Битола. Оптимист сум и покрај тоа што игравме многу натпревари и имаме повредени ракометари. Никој не е фаворит во Битола против Еурофарм Пелистер!“, заврши тренерот на пелистерци.











