Press "Enter" to skip to content

Битолчани во дијаспората: Драги Смилевски – враќањето во Битола ме враќа во детсвото, младоста… и сите настани ми се нижат како на филмска лента

Жанета Ристевска

-Заминав од Битола во 1994 година во Мелбурн Австралија, последниот месец додека ми важеше визата, го фатив последниот воз што се вели низ насмевка ни кажува. Во тие години заедно со двајца бизнис партнери го имавме еден од првите кафе барови во Битола “Hollywood“. Паметам цело корзо се префрли таму. Во београдска “Илустрована политика“ излезе текст “Затворили цесту наместо кафе бар“. Кога заминав за Австралија овде имав убав живот, имав многу пријатели,  добра, солидна, државна работа во Општина Битола, катастар, вака го започнавме разговорот кој траеше цели 3 часа од кој произлезе ова интервју низ кој Драги Смилевски со емоции кажа:-Ме вративте во детството, младоста, извинете ме, не можам да ги запрам мислите за настаните кои ми се редат…

Драги Смилевски човекот кој покренал многу иницијативи кои влијаеле на животот на младите во многу области како спорт и  културно – забавниот живот  во Битола во периодот на 80-те и почетокот на 90-те години од минатиот век. Претседател за спорт и младина, организатор на спортски активности во Феријалното одморалиште во Претор. Организатор на еден од најголемите фудбалски турнири во Битола со 235 екипи. Носител на “Џокерот“ за битолскта екипа на познатите “Игри без граници“ 1981 година во Сандерленд, Велика Британија. Еден од сопствениците на првите кафулиња во Битола “Холивуд“и шанк во првото диско “Свинг“. На некој начин бил дел од промените во целокупниот живот на излегувањето кај младите битолчани. Во Австралија долги години член на претседателство и претседател на Битолскиот социјален клуб во Мелбурн, каде исто така внел многу новини. Денес тој живее во Австралија со семејството, има  сопствен бизнис.

Ждрепката и пехарот за големиот турнир во мал фудбал

За себе…

-Растев во Битола, ќуќата на мојот дедо  беше токму на местото каде е денес зградата т.н.“хеликоптерот“ како ја знаат битолчани и до ден денес. Куќата постои на разгледница за Битола од 60 тите години од минатиот век. Мојот татко, Цветан, ја имаше зачувано. Јас подоцна ја пресликав. Некаде во 1964 година се преселивме во куќа близу пазарот. Тука  заедно со мојот помал брат Пеце ги поминавме детсвото и рана младост до осмо одделение.

Со семејството во Австралија

Низ игра,  спорт гимнастика…

-Низ игра ги учевме првите основни елементи на гимнастика на “диво“ што се вели. Најчесто скокавме од висина на  песок кој го имаше наоколу во изобилство, бидејќи многу куќи се градеа тука.  Секој пат од повисоко и повисоко најпрво од прв, а потоа од втор кат. Секој пат да се постигне повеќе. Морам да кажам дека секогаш постоеше ривалство кое секогаш постои помеѓу браќа. Така и помеѓу мене и мојот помал брат Пеце кој ќе скокни од повисоко, кој подобар во  салто, ѕвезда, шпага… Искрен да бидам тоа така да го наречам ривалство можеби беше мотивација да тренираме повеќе и повеќе. Подоцна станавме познати како “браќата гимнастичари“. Кога брат ми подоцна постигнуваше многу големи резултати, некако ми беше малку мака да бидам искрен, но сепак и голема гордост што ми е брат.

235 екипи учесници на големиот турнир во мал фудбал

Не им правете циркус на народот“ зборови на мојата мајка…

-Морам да кажам имавме голема поддршка од нашиот татко иако не се занимаваше со спорт, а нашата мајка, Васа, исплашена од акробациите кои ги правевем  ни велеше “немојте да им правите циркус на народот“. Дури и ни забрануваше, од грижа да не се повредиме. Ама сигурно е дека имаше нешто во нас што и покрај се, не влечеше кон гимнастиката. Понатаму ни стана спорт во кој освоивме многу медали, признанија и награди, не само на републичко ниво, туку и на ниво на цела СФРЈ. Морам да признам дека мојот брат Пеце Смилевски во гимнастиката подоцна имаше поголеми успеси од мене, но за него сигурно ќе има посебна приказна.

Во ДТВ со мојот брат Пеце, Менде Мечето, Мажевски, Владо, Жарко…

Тренинзи во ДТВ Партизан (Соколаната)…

Посериозно со спорт најпрво гимнастика започнав да се занимавам на 10 – 11 години во петто одделени кога наставникот по физичко воспитание во училиштето каде учев, ОУ “Св. Кирил и Методиј“, Битола, Александар Цаци, ме примети мене и некои  други ученици. Ни предложи да одиме да тренираме во фискултурни ДТВ Партизан,познат во тоа време како “Соколаната“. За нас беше голема возбуда, но и страв бидејќи моравме да одиме сами пешки низ паарот, Широк Сокак, т.н. “територија на Корзовци“ (ха,ха,ха). Најпрво без да знаат родителите, бидејќи немаше да ни дозволат. Тука трениравме под будното око на нашиот тренер. Цаци кој беше познат по тоа што бараше строга дисциплина. Тука бевме: мојот брат Пеце, Менде Мечето, Мажевски, Владо, Жарко…

Екипата што Драги ја предводеше во Вуковар од “Феријално”

Тренинзи на минус 20 и и првите успеси во гимнастиката…

 -Се сеќевам во тоа време се тренираше со голем желба и љубов кон гимнастиката. Замислете надвор минус 20, салата “кочан“ ладна и ние тренираме и не се откажуваме. Благодарение на тренерот Цаци почнавме да учествуваме на натпревари. Започнав од пионери на 12 години, подоцна преминав во младинци, јуниори на натпревари низ цела Македонија и СФРЈ. Како дисциплина повеќе ми лежеше вратило и прескок, на мојот брат Пеце беше најдобар на справа “коњ“. Заради што и беше познат по прекарот “Битолски Церар“ по познатиот гимнастичар од Хрватска Мирослав Церар. Од 11 до 18 години во гимнастика ги поминав сите категории. Но, ќе истакнам дека во тој период поединечните спортови како гимнастиката и други не го имаа приматот. Поголема популарност имаа фудбалот или ракометот.  Вљубен бев во гимнастиката, но интензивните тренинзи и самодисциплината ми помогнаа понатаму да се занимавам и бидам успешен и во други спортови.

Со братот Пеце и “бубата“ со жолто црната-боја и натпис “Herbi”

„Браќата гимнастичари“…

-Покрај републички натпревари на кои освоивме многу медали, би го споменал државното превнство на СФРЈ во Земун. На истото гимнастичкиот клуб ДТВ Партизан постигнува одлични резултати. Со низа заслужени награди и признанија јас и мојот брат станавме познати како “Браќата гимнастичари“.  Сега веќе никој не не “гибаше“ на тогашното битолско корзо кога локалните мангупи знаеја да провоцираат секого за кавга или тепачка, по битолски. Знаеја да ти направат и “џепотрес“ или да добиеш шлаканица. Но ние гимнастичарите бевме така да речем привилегирани. Исто така бевме популарни и атракција на приредбите  за патронатот на Долната Гимназија. Настапувававме со акробации и на крај  добиваваме најголем аплауз и овации. Особено ни годеше популарноста на училишните игранки, женските најчесто бараа заштита кај нас од некој нападен удварач. На овој начин преку гимнастиката стекнавме многу пријатели и респект во Битола.Тоа беа такви времиња и само оние кои живееја во тој период, знаат за што зборувам и овие така да ги наречам непишани закони на битолското корзо и тогашното излегување на младите.

“Бубата“ атракција во Битола и Македонија

Фудбал…

-Покрај гимнастиката цело време играв фудбал кој беше во тој период многу популарен спорт. Започнав во младинскиот тим на ФК Пелистер кога играа Упалевски, Грко, Бујуко, Цанче, Тарзано…Потоа преминав во Жито Битола, подоцна во Транскоп и РЕК Битола. Бев голгетер и заради брзината добив прекар “струја“, но заради една незгодна повреда морав да го напуштам фудбалот. Бев некој период и фудбалски судија.

И самата жребка за турнирот привлече стотици битолчани

Иницијатор и организатор на најголемиот турнир во фудбал Битола 1982 година со учество на  235 екипи.

-Во тој период 80 тите години се организираа фудбалски турнири. Како организатор за спорт во тогашна Младина на Битола се зафатив со еден поголем проект. Со големи напори и поддршка на Претседателството на Младина во состав: Диме Јошевски, Менде Петковски, Гелевски, Румуно и членови на општинската власт Павле Георгиевски, Павлина Василева, Панде Пеовски и други успеав да го организирам најголемиот турнир во мал фудбал со рекорден број на екипи 235. 

Од подготовките во Охрид за “Игри без граници“

Образование…

-После средно образование се запишав на Виша економска школа во Прилеп. Во меѓувреме во Битола се отвори “Виша  за геометари“, за нов кадар кој беше  дефицитарен. Се вработив во општина Битола, катастар на мои 23 години. Работата во општинатa ми овозможи контакти и што се вели  врати отворени насекаде. Со првата плата си купив автомобил  “буба фолксваген“ кој беше препознатлив низ Битола по жолто црната боја и натпис “Herbi”. На местото геометар во општина работев од 1980 до 1994 година.

Пред старата Општинска зграда со претседателот Павле Георгиевски

Феријалното…

Во тој период се зачленив во “Феријално“ во време на Ѓоре, Васко, Швабата, Гагачо, Туран… член на претседателство и  одговорен за спортски настани. Ги организирав спортските натпревари во познатото Феријално летовалиште во Претор. Бев учесник на работна акција “Стрежево“ како геометар кога со тогаш одговорниот Љупчо Спирковски ја трасиравме патеката над Ниже Поле. Доброволно учествував на геодетско снимање на планинарскиот дом “Копанки“. Многу убави спомени за животот на младината во Титова Југославија. Доброволно прифатив да се откажам од дел на платата за т.н. хартија од вредност која стана безвредна, за изградба на затворен базен кој требаше да се заврши до 1886 година. Се надевам дека еден ден моите внуци и паравнуци ќе се капат во некој затворен базен.

Битолската екипа во Англија

“Игри без граници“ во 1981 година во Сандерленд Англија

-Екипа од Битола ја претставувавме Македонија и СФРЈ во Сандерленд Англија на ниво на Европа на познатите „Игри без граници“1981 година. Секоја година одеше тим од различна република на натпреварување во  различни водени лудории и ширење пријателство. Во 1981 година за учество на игрите од СФРЈ се одлучи да се прати тим од Македонија. Изборот се падна на Битола. Сите возбудени, но и со страв да не проработаат „врските“. Кога ни беше ветено од претседателот, Павле Георгиевски дека ќе одат најдобрите, адреналинот ми проработи. Да станеш дел од тимот  беше голема чест и привилегија. Мојот брат Пеце се врати од Белград каде студираше ДИФ и се приклучи. Тренери  за селекција беа  Томче и Акузо професори по физичко воспитание. Тие одлучно кажаа “одат најдобрите“ без привилегии и врски. Имавме подготовки во различни дисциплини. Така од стотина пријавени спортисти низ селекцијата многу се откажаа или отпаднаа. Останавме само најупорните и најдобрите.Cе направи екипа oд 12 врвни спортисти: Јорго Огненовски првак во карате, Пецакот во борење, браќата Љамчевски фудбал, Љупчо (Лонгплејката) фудбалер, Борко студент на ДИФ, јас и брат ми Пеце Смилевски гимнастичари. Женскиот дел  спортистки: Зорето кошарка, Сузана и Снежана ракометарки. На игрите учествуваа домаќинот  Англија, потоа  Шпанија, Португалија, Белгија, Франција и Швајцарија. Она што беше драгоцено беше дружењето. Разбравме дека На тој ден кога се прикажуваа “Игри без граници“ на ТВ во 8 часот ударен термин, улиците во Битола биле  празни, бидејќи сите беа  пред ТВ екраните.Добро поминавме и скоро цело време бевме први, но во последните игра јас го имав џокерот, но имавме мал пех и завршивме на трето место, на наше разочарување. Но кога се вративме во Битола сепак бевме пречекани како херои. Дојдовме од Англија дотерани со опрема тренерки, маици, дресови од другите екипи со кои се разменавме и бевме хит низ Битола. Сето ова ни годеше нам кои бевме млади, луди. Мислам дека сум единствениот од екипата кој ја има целата снимка на „Игри без граници“ и ако некоја ТВ куќа има интерес со задовослво би му ја позајмил.  

Во кафулето “Hollywood“ над Камен Мост

Отслужување на воен рок

-Во 1983 година. oтидов војска во  Сараевo. Со моето CV на успешен спортист имав многу придобивки. Но и тука  тренирав многу за да бидам во форма и да заборавам на тешкотиите што јавуваат кога го отслужуваш воениот рок. Трчав попладне околу касарната не знам колку круга, или правев стомачни во собата. Беше период непосредно пред одржувањето на Зимските олимписки игри Сараево 1984 година. Сметам дека имав  среќа што сум  таму во тој период. Се беше ново изградено, магично, возбудливо. Учествуваав во многу натпревари би ги издвоил Олимписките армиски игри. Спортските постигања ми помогнаа подобро да го поминам тој период во војска со добивање наградни отсуства.

Пред кафулето “Hollywood“  на “терасата“ на тротоар

Кафе бар „Hollywood“  еден од првите кафулиња во Битола

-Идејата за отварање на кафе бар ми се јави, кога бев војска во Сараево.  Taму имаше голем број кафичи дури  и во помали градови како Чапљина модерно уредени со странски  хитови за младите. Во Битола младите во тој период го  имаa корзото, кино и некои малски клубчиња. Секогаш си велев зошто и Битола нема такви места за излегување. Во една случајна средба со мојот ортак Тозо, се договараме заеднички да отвориме кафич. Бев сигурен дека нема да промашиме, тоа беше 1986 година.  Го имавме просторот и со заедничко вложувње се отвори кафе бар “Hollywood“ на дваесетина метри над Камениот мост, на “Солунска“. Просторно најголем, препознатлив по разнобојни светла, светлечката  диско топка ,ТВ екран со најнови музички спотови со што  стана главно место за излегување на младите битолчани. Корзото  се премести пред  “Hollywood”, на Камен мост. Сите млади почнаа да доаѓаат тука.Никој не очекуваше толкава огромна популарност. Таа атмосфера не можам да ја опишам со зборови, само тие кои излегуваа во тој период таму можат да разберат што зборувам. Но тоа ни направи и проблем, бидејќи комшиите се жалеа. Во собрание се одлучуваше дали да се затвори кафичот или не. За среќе кафичот остана, а улицата се затвори. Бевме први кои започнаа со поголеми забави. Групата “Боеми“ започнаа со забави тука. Се славеа Нови години за прв пат  во кафич, бидејќи дотогаш се одеше на прослава на Нова година во кафеани. Се промени начинот на излегување и забава за младите. Во 1990 пријателски се разделивме со ортаците. Време беше за реновирање и промени. Кафичот продолжи под друго име, “Клуб Д“ за повозрасни и друга шема.

Првите забави на “Боеми“ во Битола, со Стевче од “Боеми“ и Саша Ќириќ

Диско “Свинг“

-Во  1992 се отворa диското „Свинг“во кино Трудбеник каде ми беа понудени два шанкови кои без двоумење ги прифатив. Тоа беше првото диско и можеби единственото во Битола кое неколку години успешно работеше. Сите музички звезди доаѓаа тука. Секогаш се бараше карта повеќе, 2.000 луѓе внатре и уште 1.000 надвор. Имаше случаеви кога голем број млади надвор чекаа на минус 20. Организирани Нови години. Диското работеше успешно во 90 те години.

Со дел од битолчани, гости во “Hollywood“

Заминување во Мелбурн Австралија

-Заминав во време на транзицијата кога се виде дека не одат добро работите во цела држава, посебно ние кои се занимаваме со приватен бизнис, тоа и го почуствувавме повеќе на своја кожа. Тоа беше април 1994 година еден месец пред да ми помине визата. Заминав кога овде имав  државна сигурна работа, приватен бизнис, многу пријатели, но сепак некако почуствував дека не одат добро работите во државата. Иако ќе кажам дека жената беше поголем иницијатор за заминување и да ја пробаме среќата. Беше период на транзиција,  се појавија и првите  партии. Како приватен сопстевник на кафуле постојано ми се обраќаа од една или друга партија да се зачленам, но никогаш не влегов во партија и партиски до ден денес сум неопределен.

Со пријателите од Битола, во Мелбурн, Австралија

Живот во Мелбурн Австралија…

-Кога стигнавме започнав што се вело од почеток. Не се исплашив, најпрво работев по струката геометар, но набрзо напуштив. Еден период влегов и во усгостителство во кое исто така имав искуство. Но, за да функционира добро, во тој период мораше да биде семеен бизнис. Не наидов на интерес кај моите во семејството и затоа се откажав. Во меѓувреме работев се и сешто во градежништво, за потоа да отворам свој бизнис и ден денес имам приватна фирма за изградба на нови објекти, доградби и реновации. Бизнисот е бизнис мораш да се посветиш, да се вложиш многу, за да успееш.Битолско друштво во Мелбурн, Австралија

-Со самото доаѓање во Австралија веднаш се активирав во Битолското  Социјално Друштво Мелбурн. Таму се почуствував како меѓу своите битолчани. Познато е по организирање на Битолските балови како Конзулски бал, Пелистерски бал, Бал на Широк Сокак… Престижен со посебен дрес код, гости ни беа најпопуларни пејачи од Македонија. Балот се организира на 4 ти ноември и редовно испраќавме покани до градоначалникот на Битола да ни биде гостин. Неколку години бев водител на програмата и хонорарно работев како “MC“ на свадби и забави. Друштвото имаше и свое радио. Во тој период го направив и првото интервју со владиката Петар Австралија. Со заеднички напор со постарите иселеници купивме деловни простории во сопственост на клубот. Активно учествував во купување и реновирање на клубот. Имаше просторија за забава и ресторан. Сите кои доаѓаа од Македонија било да се личности од политика, култура,уметност беа наши гости. За брзо време стана врталиште на Македонците во Мелбурн, новодојдени и староседелци. Место на лечење на носталгијата за родниотт крај. Одредено време бев потпретседател, потоа и претседател на друштвото. Moментално  клубот има колективна одговорност.

Со сопругата Јованка

Семејство…

-Кога дојдовме со семејството, во друга земја, нормално почнавме од почеток. Мојата сопругата e просветен работник, дипломира и магистрира тука.  Сега работи во Државно училиште билингвално, англиско македонско. Тоа е престижно училишпте каде има голем интерес за упис. Таа магистира на тема “Влијанието на билингвалното образование предност или недостаток врз когнитивниот развој на децата“ Oвој труд и беше објавен во научно списание. Исто така се приклучи во “Македонското учителско друштво“ , а денес е претседател на истото, кое активно работи на промоција на македонскиот јазик, иако имаат мала скоро никаква помош од Македонија. Помалиот син Виктор заврши градежен факултет и работи како менаџер на  на проекти. Постариот син Тони  има приватна осигурителна компанија и горд сум што успешно ја управува. Имаам три внуци со кои го поминувам секој слободен момент.  Еве додека сум тука на одмор многу ми недостасуваат, но тоа ми го надополнуваат внуците на моите сестри.Секој од нас во туѓина размислува кога ќе се пензионира да се врати во родната  земја, но желбите не се исти со реалноста

Дијаспора…

-Жалосно што во Македонија имаaт погрешна перцепција за дијаспотата, и  критички се настроени. Постојат предрасуди и мислења, генерализации.  Само би констатирал дека втора или трета генерација која живеат денес тука се разликуваат од оние кои доаѓаа на печалба во 60,70 тите години. Голем процент се факултетски образувани и успешно интергрирани во општеството. Ако владата смета дека со оваа корупција и беззаконие кое владее во Македонија некој од дијаспората ќе вложи, длабокол е во заблуда.. Мое мислење е дека било која влада треба да работи на спојување на дијаспората со матицата, а не обратно. А ќе работи кога ќе има вработено дипломати, а не партиски деца од клупа директно во Министерство. Сите ка знаеме паролата „Заедно сме појаки“. Дијапората дава, не зема. 1,5 милијарда долари  и повеќе доаѓаат од дијаспората.За крај прашањето дали размислувате тука да ги поминувате пензионерските денови?

-Секој од нас во туѓина потајно размислува кога ќе се пензионира да се врати и да ги поминува пензионерските денови во родната  земја. Тука и мислата “не постои човек кој повеќе ја сака туѓата од својата земја. Може само повеќе да ја почитува“. Но желбата и реалноста се сосема друго. Така и јас размислувам, бидејќи за целосно доаѓање тука не може да стане збор. Бидејќи животот ти е најубав каде што ти е фамилијата.

Интересна животна приказна за човек кој изгледа смирено, но одлучно со високо асертивното однесување и вештините за комуникација.  Низ неговата приказна всушност добивме претстава за период на живот во социјализмот и почетокот на транзицијата, спортувањето, отслужување на воен рок, „Игри без граници“, Феријално, Зимски армиски Олимписки игри во Сараево, отварање на првите кафе барови, диско и живот на младите во СФРЈ, заминување по подобар живот во туѓина… Животна приказна добра за книга.

Успешната приказна на неговиот брат Пеце Смилевски гимнастичар „Битолскиот Церар“ ќе биде објавена во некоја следна објава.

More from БитолаMore posts in Битола »
More from ВестиMore posts in Вести »