Press "Enter" to skip to content

Вечерва во “Кале“ кошаркарите на Пелистер по втор брејк против Работнички

По убедливата победа минатата сабота во првиот натпревар од оваа полуфинална пресметка, кошаркарите на Пелистер од Битола се подготвени за вториот натпревар во серијата, а по првата победа, битолчани се надеваат и на втор брејк, со што ќе се олесни патот кон финалето.

-Свесни сме дека и покрај направениот брејк, работата е далеку од завршена но пристапот на нашите кошаркари и моменталната форма ни дава простор за оптимизам и надеж дека Пелистер може да го повтори успехот и на овој натпревар против скопскиот ривал, порачуваат од Пелистер.

За потсетување, првиот натпревар од серијата заврши со резултат 63:86, и високата победа главно се должи на фуриозната трета четвртина што “пелистерци“ да добија со 26:12.
 
-Цврстата игра во одбрана ќе биде главното оружје и во овој натпревар, направивме одлична работа лимитирајќи го противникот на само 63 поени, исто така тоа ќе треба и да се повтори на овој натпревар, вели тренерот на Пелистер, Дарко Радуловиќ.
 
Во анализата на претходниот натпревар, “пелистерци“ ќе заклучат:
 
-Саботата ја одбележа и една одлична шутерска вечер што ја имаше нашиот тим, речиси потполно исто шутиравме процентуално и за 2 и за 3, двете над 50% што е извонредно и тешко да се повтори и на овој натпревар па затоа ќе мора да се фокусираме на она што со сигурност ни носи резултат, а тоа е играта во одбраната. Впрочем еден од најдобрите нивни кошаркари, Американецот DeCosey целосно беше затворен и за 20 минути не постигна ниту еден кош, a другиот плејмејќер Trice, што обично запишува по 16 поени по натпревар, на овој постигна само 7. Во нашиот состав имавме рамномерна распределба на поените. Центрите Маслинко и Планиниќ меѓу себе поделија 31 поен, помогнати од Мијовиќ кој запиша 14 со 4 од 8 за 3 поени и 3 украдени топки. Од клупата забележителна партија имаше Knight со 13 поени, 3 скокови и асистенции за 20 минути поминати на паркетот. Лука Стојановски имаше перфектни 4 од 4 позади линијата 6.25.
 
Од КК Пелистер веруваат дека со слична партија можат да дојдат до уште една победа што ќе ги  доближи на чекор до финале, и тоа пред домашна публика во спортската сала во Битола. 
More from СпортMore posts in Спорт »