Пелистер – МЗТ Скопје 68:67
-Во неизвесната завршница во Битола “пелистерци“ имаа поголема концентрација и се радуваат на минимален, но голем триумф против МЗТ Скопје, а херој во нападот беше Антоан постигнувајќи ги победничките поени на 4 секунди до крајот.
Кошаркарите на Пелистер во второто коло од Првата лига ја победи екипата на МЗТ Скопје, во натпревар во кој избраниците на Александар Петровиќ имаа фанатичната одбрана.
МЗТ беше тимот што подобро влезе во дербито, откако гостите од Скопје набрзина поведоа со 2-7. Андрија Бојиќ ги постигна првите поени на мечот за Пелистер во четвртата минута, а по тајмаутот на Петровиќ при резултат 6-12 проработе и нападот на „пелистерци“. Александар Костоски погоди тројка, следеше прецизен удар и на Бојиќ, па нова тројка на Костоски со што Пелистер го презеде и водството.
Крстевски го врати МЗТ во ритам, првата четвртина заврши со минимално водство на гостинскиот состав од 19-21, но Пелистер беше далеку подобар ривал во вториот период. Одбраната функционираше беспрекорно, на шампионот му беше дозволено да постигне само 13 поени за 10 минути игра, а „зелено-белите“ на спротивната страна го продолжија шутерското шоу, овојпат предводени од Лука Стојановски. При 29-24 не беа искористени три слободни фрлања, но Пелистер знаеше како да го исконтролира водството до крајот на полувремето, поведувајќи со 39-34.
Почетокот на второто полувреме повторно донесе нешто подобраигра на МЗТ, кој набрзина поведе со 39-41, но Пелистер имаше контра-удар, „зелено-белите“ одговорија на идентичен начин, па со тројката на Костоски се вратија на пет поени предност (49-44). Лавовската борба продолжи, третата четвртина заврши со минимални 55-54, како најава за супервозбудливите последни 10 минути.
„Сино-белите“ дојдоа до предност од 59-63 на 6:53 минути до крајот, по што Пелистер заигра фанатична одбрана, не дозволувајќи му на МЗТ да постигне поен од поле до самиот финиш на мечот. Во супердраматичната завршница Мишковиќ од линијата за слободни фрлања донесе водство на Пелистер од 66-65, но Слај беше двапати прецизен од пенал-линијата и шампионот имаше предност од 66-67 на девет секунди до крајот.
Петровиќ зеде тајмаут по кој Антоан мајсторски реализираше, МЗТ го промаши последниот напад,за почеток на големото славје во Битола по победата над големиот ривал, изразена со конечните 68-67.
Херојот Антоан беше најефикасен кај Пелистер со 16 поени, 13 постигна Костоски, а Бојиќ броеше до десет. Лука Стојановски погоди три тројки за вкупно девет поени, додека Мишковиќ го заврши мечот со седум поени и осум скокови.










