Press "Enter" to skip to content

Општина Битола: 600 граѓани, меѓу кои најголем број млади лица, за зимскиот распуст искористија бесплатен превоз за Ниже Поле и Копанки

Над 600 граѓани, меѓу кои најголем број млади лица кои се на зимски распуст, го искористија бесплатниот превоз до скијачките центри Нижеполе и Копанки, организиран од страна на Општина Битола во соработка со ЈП Пелалинк.

Оваа еднонеделна активност, која со голем интерес беше прифатена од страна на граѓаните, а за која младите со позитивни впечатоци, раскажуваа за време на денешната посета на градоначалникот Тони Коњановски, на скијачкиот центар Нижеполе.

-Општина Битола во соработка со ЈП Пелалинк, ЈП „Стрежево“, со Хотелот „Молика“, со поддршка и на приватниот сектор „МИГ Травел“, организиравме бесплатен превоз за сите оние кои сакаат да уживаат во снежната белина. Над 350 посетители во Ски центарот „Нижеполе“ и над 250 кај Хотелот „Молика“ и на Копанки, уживаа во овие настани, дел од зимскиот распуст. Се надевам дека и наредните години, но и за време на летниот распуст ќе ги продолжиме овие активности, зошто за секое дете, но и за секој возрасен е добро да избега малку од градската гужва и да ужива во овие пространства. Благодарам на сите кои ја помогнаа и поддржаа активноста, а посебно им благодарам на граѓаните што ја прифатија активноста и се надевам дека уште многу вакви убави моменти ќе имаме заедно“, изјави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Ваквиот начин на функционирање создаде можност за сите вљубеници во зимските спортови, но и за оние кои сакаат зимски прошетки во чиста и убава природа, без дополнителен трошок и без потешкотии за организирање на превоз, да стигнат до скијачките центри и да уживаат во снежните убавини на Нижеполе и Копанки. Од друга страна на овој начин се зајакнува љубовта на младите кон природата, но и нивната одговорност. Градоначалникот Коњановски, најави дека општината и во понатамошниот период ќе ги разгледа можностите за почеста реализација на вакви активности.

More from ВестиMore posts in Вести »