Американскиот кошаркар Џеремаја Гамбрел е најново засилување на КК Пелистер од Битола откако „зелено-белите“ постигнаа договор за ангажман на овој квалитетен плејмејкер. Станува збор за кошаркар кој настапува на бековската позиција, важи за исклучителен поентер, подготвен да преземе одговорност во клучните моменти кога се решава победникот.
Овој 24-годишен Американец е роден во Хјустон, ланската сезона ја мина во тимот на Алкорн стејт брејвс, каде имаше просек од 13,2 поени и 1,1 украдени топки по натпревар.
Џеремаја Гамбрел денеска пристигна во Битола и му се стави на располагање на стручниот штаб, а се очекува своето деби за Пелистер да го има веќе в четврток, во четвртфиналето од Купот на Македонија против екипата на Чаир.











