По десетина дена облачно и врнежливо време по што Битола го очекуваше пролетното затоплување и пролетна атмосфера, битолчани беа изненадени со неочекувани снежни врнежи, посебно оние кои се најдоа на патиштата, а ја оставија дома зимската опрема.Снегот, кој започна да паѓа околу пладне го покри градот со бела снежна покривка, создавајќи впечаток на зимски пејзаж, иако календарски сме во срцето на пролетта, кога православните битолчани го слават Благовец, овој период носи носи благи температури.
Ваква нестабилност во времето не е непозната за Битола. Градот, кој се наоѓа под влијание на континенталната и медитеранската клима, понекогаш искусува невообичаени временски услови, а снегот во април, иако ретко, не е целосно исклучен.
-Овој снег е само потсетник за тоа колку климата може да биде непредвидлива. Може да изгледа како малку изненадување, но сепак во април сме во период на пролетни променливи временски услови. Како “оди“ времето наместо за Божик, ќе велиме кај да си за Благовец дома да си, во шега додава Митко.
Снежната покривка не траеше долго, но за кратко време го промени изгледот на градот, наместо во Битола да уживаме во боите на пролетните цвеќиња и зеленилото, во боите на магнолиите, во сончеви пролетни денови во овој период, во бела снежна покривка, а се потсетивме на зимска сезона.
-Се чувствуваме како да сме во некоја меѓусезонска состојба, снегот не е невообичаен, но сепак носи еден необичен шарм, особено кога се појавува толку блиску до крајот на зимата, ни рекоа битолчани кои утринава уживаа во фографирање на снежните сцени.
Метеоролозите предвидуваат дека температурата во наредните денови ќе се стабилизира, со постепено враќање на пролетните услови, па снегот во Битола ќе биде само привремен спомен од зимската сезона, а април обично е месец кога температурите почнуваат да растат и снегот не трае долго.
Жанета Ристевска
Фото: Сашо Ристевски