Под ѕвезденото августовско небо во Битола на сцената на Античкиот театар Хераклеја битолската публика уживаше во незаборавна музичка вечер со една од најголемите ѕвезди на балканската поп-сцена – Жељко Самарџиќ.
Иако концертот започна со задоцнување поради дождот, а вратите за публиката беа отворени подоцна од предвиденото, чекањето вредеше. Во 22 часот, Хераклеја замолкна, а потоа просторот го исполни препознатливиот, длабок и топол глас на Жељко Самарџиќ.
Битолчани и гостите кои со нетрпение го очекуваа концертот веднаш запеаја заедно со него. Се нижеа добро познатите хитови, песни кои со децении се дел од животот на повеќе генерации – „Месец у води“, „Покажи ми шта знаш“„Безобразно зелене“,„Ниси ти за мале ствари“, Можда“ „Знам“, „У тебе сам заљубљен“, „Трудна жена“, „Шта ме чека“,„Дајте неку лошу“, „Крадем“… како и други безвременски песни од неговиот богат репертоар.
Хераклеја таа вечер не беше само концертна сцена. Таа се претвори во голем хор во кој публиката ги пееше стиховите заедно со Самарџиќ. Од романтичните балади до ритмичните хитови, атмосферата постојано се вжештуваше, а Жељко со својот препознатлив глас, харизма и непосредност успеа да создаде посебна врска со публиката.
Жељко покажа голема почит на битолската публика. На самиот крај, тој ја запеа „Битола мој роден крај“, заедно со публиката, а потоа запеа и неколку рефрени од познати македонски песни.
Во тие моменти границата меѓу сцената и публиката речиси исчезна. Се пееше заедно, се аплаудираше и се славеше музиката – онаа која ги поврзува луѓето, генерациите и спомените.
Августовската ноќ во Хераклеја покажа дека вистинските хитови немаат рок на траење – тие живеат во спомените, во гласовите на публиката и во срцата на оние што ги пеат.
Ж. Ристевска
Фото: Дамијана Ристевска











