Жири-комисијата за доделување на наградата, во состав: проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Виолета Танчева-Златева (членови), пред да пристапи кон донесување на завршната одлука за наградата „Антево перо“, што подразбира печатење на наградената стихозбирка во специјалната едиција на наградени автори, уште еднаш го изразува своето задоволство од рекордниот одзив и учеството на 115 автори. И оваа година комисијата имаше тешка задача да направи избор на поетските дела кои се издвоија со својата автентичност, сензибилитет и поетски карактеристики.
Од пристигнатите 115 поетски ракописи, во потесен избор за наградата влегоа девет стихозбирки, и тоа: Ерол Туфан – „Недовршени песни“, Белинда Сипкоска Гаштарова – „Домот ми е полн со небо“, Емељ Туна – „Анатомија на бршленот“, Лидија Размоска Тримовска – „Патот до Огнена“, Јулијана Младеновска-Тешија – „Чекркот“, Александар Русјаков – „Дегустација на жената“, Милош Соколиќ – „Име во идно време“, Маја Мојсова – „Ајта“ и Даниела Андоновска-Трајковска – „Ако не се отвори фиоката мачката ќе биде жива“. По темелно разгледување на вредностите на секоја од овие девет стихозбирки и по завршните дискусии на членовите, Комисијата едногласно донесе одлука наградата „Антево перо“ за 2026 година да ѝ припадне на стихозбирката „Ако не се отвори фиоката мачката ќе биде жива“ од Даниела Андоновска-Трајковска.
Откривањето на личната суштина е филозофско патување на кое секој поет не се осмелува да тргне. Самоспознавањето преку песна понекогаш може да биде тежок процес во кој поетот одново се пресоздава и одново се раѓа во зборот и тој станува негов начин на постоење и откривање. Кога еднаш се зачекорува по тој пат, песната станува простор во кој секој може да разговара со самиот себе. Таков дијалог се води во збирката со несекојдневен наслов „Ако не се отвори фиоката мачката ќе биде жива“ од Даниела Андоновска-Трајковска, добитничка на наградата „Антево перо“ за 2026 година. Поезијата поместена во оваа збирка е изградена врз основа на дуалистичките принципи кои се основа на дијалектиката. Даниела Андоновска-Трајковска успеала да го дофати вечното движење на нештата преку описот на минливоста и конечноста на нештата. Песните се конечни на белините, но во исто време се и надвор од нив. Тие постојат и во сегашноста и во вечноста. Таа ги пресоздава од своите лични вистини и од својот извор ја црпи мудроста на споделените факти. Тоа е, всушност, и целта на арс поетиката, бидејќи поетот не пишува само за да го пронајде вистинскиот збор, туку тој го бара тој збор за да се пронајде себеси. Со тоа, Сократовата потрага по самоосознавањето станува природна основа за таа модерна арс поетика, при која, со спознавањето на внатрешниот свет, поетот го креира неговиот личен, поетски свет кој како да се движи на границата меѓу реалното и надреалното. Тоа спознавање не е еднократен чин, туку долготрајно духовно и филозофско патување на кое Андоновска-Трајковска оди со решителен чекор. Во тој процес таа ја црпи својата сила од зборот, кој слично како кај Анте Поповски, особено во неговата „Света песна“, има создателна, трансформирачка и божествена моќ. Притоа, јазикот и изразните средства што ги користи имаат ефект на јазични експлозии кои се наоѓаат на вистинско место и во вистинско време. Пример за тоа е Квантната теорија на Шредингер, која авторката многу досетливо ја користи создавајќи силна метафора со која соопштува универзални вистини испреплетени во нашето секојдневие. Шредингеровата мачка, заробена во својата позната состојба помеѓу животот и смртта, станува метафора за нашето постоење, бидејќи ние постојано живееме помеѓу можноста и конечноста, помеѓу она што го знаеме и она што само го насетуваме. Сè додека не погледнеме во кутијата, вистината останува отворена, како песната пред да биде прво напишана, а потоа и прочитана. Во тој простор помеѓу видливото и невидливото се раѓа поезијата како обид да се фати мигот пред да стане минато, да се даде облик на она што нема облик и да се најде смисла во хаосот на постоењето. Можеби и песната е своевидна Шредингерова мачка. Додека е во тишината на авторката, таа е истовремено можност и стварност, неизговорена и веќе присутна. Со првиот збор, таа се отвора кон светот, но тоа откривање никогаш не е целосно. Останува нешто скриено меѓу стиховите како тајна што постои само затоа што не можеме до крај да ја растајниме. А ние, како и песната, постоиме помеѓу две крајности: помеѓу здивот и тишината, помеѓу времето и вечноста, помеѓу она што сме и она што можеме да бидеме.
Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ традиционално ја доделува и наградата „Антев златник“. Оваа година, поради естетските квалитети на збирките што беа избрани во потесниот круг, Комисијата едногласно одлучи наградата „Антев златник“ да им ја додели на тројца поети, и тоа: Ерол Туфан – „Недовршени песни“, Емељ Туна – „Анатомија на бршленот“ и Милош Соколиќ – „Име во идно време“.
Поетиката на Ерол Туфан во „Недовршени песни“ не се исцрпува со својата љубовна тематика, ниту со исповедниот тон во кој е напишана. Под површината на љубовните и човечките средби, сеќавањата, телесните привлечности, разделбите, градовите и пејзажите, се отвора едно многу пошироко прашање за тоа што значи да се биде човек во времето, меѓу желбата и ограничувањето, меѓу слободата и одговорноста, меѓу она што сме го живееле и она што сме можеле да го живееме. Токму затоа, насловот „Недовршени песни“ не треба да се сфати само како наслов на збирка песни што останале отворени, туку како метафора за самата човекова егзистенција. Поетот сугерира дека ние сме тројство кое не е хармонично единство, бидејќи умот го повлекува во една насока, срцето во друга, а тој останува на крстосницата. Токму таа крстосница е една од најсилните метафори на целата збирка, бидејќи ја изразува основната состојба на човечкото постоење, да се биде принуден постојано да се избира, а истовремено да се знае дека секој избор значи губење на некоја друга можност. Притоа, копнежот е сеприсутен мотив и тој нема само еротски или љубовен полнеж. Тој е основен принцип на постоењето. Секој од нас копнее затоа што нешто му недостига, а недостигот го тера да се движи. Кога би бил целосно исполнет, тој би престанал да бара, а со тоа би престанал и неговиот внатрешен развој. Затоа и песните се недовршени, зашто се песни на животот, бескраен простор на трагање, простор во кој секој од нас не го пронаоѓа конечниот одговор, туку ја открива вредноста на самото прашање.
Авторите, коишто се творци на поетските светови, многу често кога зборуваат за луѓето, неминовно се соочуваат со прашањата за постоењето, времето, љубовта, загубата и минливоста. Секој од нас живее во постојано движење меѓу она што го поседува и она што го губи, меѓу потребата да се поврзе со другиот и потребата да ја зачува сопствената внатрешна слобода. Во еден таков простор се отвора најновото поетско остварување на Емељ Туна, со впечатлив наслов „Анатомија на бршленот“, кој заради ваквите квалитети ја понесува наградата „Антев златник“ за 2026 година. Оваа збирка е поетски свет кој живее разгранет во искуството на индивидуата која се врзува, губи, памети и се обидува повторно да го пронајде своето место во светот. Метафорички кажано, преку бршленот што се вкоренува во другиот, преку болката од откорнувањето и потрагата по она што останува засекогаш, па сè до соочувањето со колективната човечка болка, оваа поезија покажува дека сето она што вистински сме го доживеале не исчезнува без трага исто како што љубовта, загубата и нашето однесување кон туѓото страдање остава трага. Затоа, суштината на оваа поетика не е во пронаоѓањето конечни одговори, туку во способноста да се остане чувствителен и кон сопствената, но и кон туѓата ранливост. Конечно, бршленот не е само метафора на љубовта, туку е метафора и на нашето постоење, бидејќи сите се вкоренуваме и менуваме едни со други и кога ќе се разделиме, никогаш повеќе не сме исти. Затоа, главната цел на оваа поетска книга е да остави трага, да постои како потсетник дека ние не сме само она што сме го преживеале, туку и она што по своето преживување ќе го оставиме во времето и во просторот.
Поетската книга на Милош Соколиќ, „Име во идно време“, е интимна и филозофски продлабочена медитација за времето, минливоста, љубовта, паметењето и потрагата по дом. Нејзината основна поетика се гради врз силни и меѓусебно поврзани симболи на реката, водата, птицата, телото, домот и семето, преку кои личното искуство прераснува во универзално прашање за општото постоење. Реката, како особено впечатлив симбол, е слика на непрекинатото движење на животот, додека домот не е само простор туку е и состојба на припадност и сеќавање. Оваа поезија не ни дава едноставни и директни одговори. Во неа љубовта не е идеализирана, туку е постојано загрозена од отсуството, а времето не е неутрална категорија, туку сила што ја менува единката и нејзините спомени. Особено впечатлив е мотивот на паметењето, кое истовремено е начин на зачувување и форма на болка, бидејќи исчезнатото не може да се врати, но преку сеќавањето продолжува да постои. Птицата, која го носи името, ја сугерира кревкоста на идентитетот и таа може да биде именувана, но не и задржана. Токму во оваа напнатост помеѓу желбата да се задржи и неизбежноста тоа да се пушти се наоѓа филозофското јадро на поезијата. Овој квалитет на поезијата се доближува и до квалитетите на поетиката на Анте Поповски. Поетскиот јазик е густ, исполнет со силни фигури на значењето, при што доминантно место земаат метафората и парадоксот. Оваа поезија не ја негира минливоста, туку се обидува да ѝ даде смисла. Нејзината најсилна порака е дека ние не можеме да го запреме времето, но можеме да оставиме трага во и со љубовта, јазикот и сеќавањето. Тоа ја прави оваа поезија истовремено и интимна и универзална, но и тивка филозофска расправа за тоа што значи да се биде човек.
Со должно внимание и задоволство, Жирито дискутираше и за четирите стихозбирки кои влегоа во потесен избор за наградата „Антев часовник“, што се доделува со цел откривање и афирмација на нови, млади талентирани поети кои творат на македонски јазик, и тоа: Дарија Јовановска – „Протекување“, Бојан Димовски – „Гареж од метафори“, Васја Мицковски – „Патот дома“ и Марија Велинова – „Штрингла“. Младите поети продолжуваат да творат со нескриен жар и повторно ги потврдија својот поетски потенцијал, талентот и големиот осет за поезија. И овој пат Комисијата имаше тешка задача да избере само една збирка која ќе биде наградена, па донесе одлука наградата „Антев часовник“ за 2026 година да им биде доделена на двајца млади поети, и тоа: Дарија Јовановска за нејзината збирка „Протекување“ и Марија Велинова за збирката песни „Штрингла“.
Поетскиот ракопис „Протекување“ на младата поетеса Дарија Јовановска е поетски свет во кој се поставува човечката егзистенција на самиот раб помеѓу вербата и сомнежот, раѓањето и исчезнувањето, слободата и немоќта. Нејзиниот свет е исполнет со симболите на водата, птиците, возовите, часовниците, тишината и крстовите, преку кои таа трага по изгубеното значење на постоењето. Преку мотивот на протекувањето, водата станува метафора на времето, животот и минливоста. Човекот не стои цврсто во светот, туку тече низ него, оставајќи зад себе делови од сопственото постоење. „Протекување“ може да се чита како поетска филозофија на индивидуалната кревкост, бидејќи ние знаеме дека ќе протечеме низ времето, дека ќе се изгубиме, ќе се заборавиме и ќе исчезнеме, но сепак продолжуваме да сакаме, да паметиме и да создаваме.
„Штрингла“ од Марија Велинова е збирка во која поезијата се претвора во егзистенцијално истражување на битието оставено помеѓу историјата и иднината, помеѓу телото и духот, помеѓу зборот и молкот. Нејзината најголема сила е во тоа што не се задоволува со традиционалното поетско именување. Таа го крши јазикот затоа што и светот е скршен, ја растура синтаксата затоа што искуството не е секогаш логично и го фрагментира времето затоа што минатото не престанува да трае. Таа не се чита само како збир од песни, туку како сложена поетско-филозофска лабораторија во која зборот постојано се доведува во прашање. И токму во тоа расчленување на зборот се појавува можноста за создавање. Затоа завршната мисла: „зборовите умираат. светот е вечно млад“ може да се прочита не како песимистичка констатација туку како поетски манифест. Зборовите можат да умрат, историите можат да бидат избришани, боговите можат да побегнат, идентитетите можат да се изгубат, но некој повторно ќе се обиде да проговори. Во тоа повторно проговорување е и есенцијалната смисла на овие песни, зашто поезијата можеби не го спасува светот, но му ја враќа способноста повторно да биде именуван.
Комисијата уште еднаш искрено им се заблагодарува на сите поети за рекордниот интерес и за учеството на Конкурсот за наградата „Антево перо“ и изразува надеж дека и во иднина ќе продолжат да творат и да учествуваат на конкурсот за оваа престижна награда.
Во наредниот период ќе следува уште едно соопштение, со кое јавноста навремено ќе биде информирана за датумот, местото и терминот на одржувањето на централниот настан, на кој официјално ќе се прогласи победникот на Конкурсот за наградата „Антево перо“ за 2026 година и ќе бидат врачени сите награди.
Во име на Комисијата, д-р Атина Цветаноска











