
Три децении по почетокот на Првата светска војна, трагизмот на македонската судбина завиена во воените сеништа кои сееја смрт, сакаше со сторија да ги поврзе во една вертикала од Втората светска војна, која на овој или оној начин, завршувала со гибел и гробници. Овој пат, станува збор за битолчанец кој во цутот на младоста заминал во Соединетите американски држави за подобар живот, а како војник под американско знаме, животот го положил во Битката за Нормандија за по некоја година да заврши во Буковските гробишта во Битола , со својата жртва ставајќи едно камче во мозаикот на Победата против фашизмот. Сега, после 82 години, препуштен е на заборавот од битолчани, но и од тие за кои се борел.
Буковските гробишта сведочат за ефемерноста
Буковските гробишта вековно сместени на излезот од Битола до Хераклеа Линексетис и под Тумбе кафе, во себе го кријат спокојот на безброј хроники од разни времиња и епохи, а таму почиваат Македонци, Власи, Грци и други со своите судбини. По една од трите поплочени вертикални патеки (средната), на стоина метра погоре се гледа една запуштена крипта, мал објект соѕидан од сите страни и препуштен на забот од времето. Од страна, има железна врата заклучена со катанец и цела обвиткана со пајажини. Низ вратата, внатре се гледа положен метален војнички ковчег херметички затворен. Целиот е во прашина, подза`рѓан на некои места. Над него, на влажниот ѕид висат две урамени фотографии на постари маж и жена, асоцирајќи дека се родители на покојникот. Во разгатката, од надворешната страна горе на челото од оваа куќарка- крипта, соѕидана е мермерна плоча со фотографија на маж во војничка униформа и неколку податоци. “Тука почива Панде Матовски од Битола, роден 1914 година кој како американски подофицир загинал на 4 јули 1944 година во Битката за Нормандија“. Со тоа, почнува да се расплеткува еден чуден јазол за судбината на еден триесетгодишник. Пред тоа, молкот и општата слика за вертикалата на поминатото време и ефемерноста, ја надополнува куп ѓубре кое од околните гробишта, кој како стасал, го фрлале врз задниот ѕид, веројатно поради тоа што тука никој не навраќал и немало кој да се побуни. Од достоинственоста за самата крипта и судбината на покојниот Панде Матовски, не може да се премолчи ваквиот заборав, вандалистички, груб, но и емотивен. За нас, но и за оние чија униформа ја носел и под чие знаме загинал.
ж
Од битолска сага до американски војник
Во подбаирските чикмаци и веднаш над “Бела чешма“, денеска на улица “Максим Горки“ број 7, со децении се наоѓа мала двоспратна куќа која долго време, изградена од тули без фасада беше со тесно дворче и замандалена порта. Сега, некој ја има купено и се реновира. Тука се родил Панде Матовски во 1914 година, кога големите сили и нивните балкански сојузници ги вкрстија своите бајонети, топови и гранати едни против други, а Битола неколку години беше изложена на силен оган, страдања и жртви. Во такви услови, Панде ги врвеше своите најрани години од животот, играјќи си со децата на Милошевци, Галовци, па и оние од другата страна на “Бумбе маало“ покрај Турските гробишта. Кога порасна, во 1938 година на 24 години, беше испратен од роднините и другарите на железничка станица, а потоа со параход замина за подобар живот во Соединетите американски држави во Чикаго, Илиноис. Таму за брзо се пријавил во американската армија и бил мобилизиран на 13 мај 1941 година. – Cook County, Ilinois, Private first class , т.е. редов во прва класа на пешадијата. Во американската национална архива за воените записи е заведен како Panta Matevich со службен број 36032731. Формациски, припаднал на педесет и осмиот полк од Осмата пешадиска дивизија.
Гибелот во Нормандија
Во една од најголемите битки на Втората светска војна, Битката за Нормандија која започнала на 6 јуни 1944 гоина (Денот- Д), Осмата пешадиска дивизија во кој служел Панде Матовски на почетокот не бил вклучена и била стационирана во Дов- Велика Британија. Според Националната архива на САД, тие во Нормандија се истовариле на 4 јули (Денот на независноста на САД), на плажата Јута бич и заполнале пробив за плацдармот. Во жестоката борба на плажата и низ живите огради наречени “бокаж“ за да се пробијат во внатрешноста, Панде го загубил животот покрај една од препреките. Подоцна, со останатите загинати, биле погребани во заедничка гробница во Блосвил (Blosville/ Carquebut). Хроничарите забележле дека таму и кај Сен Ло и Карентан, биле најжестоките борби во кои загинале над 100.000 сојузнички војници, а не бил поштеден ниту нашиот битолчанец.
Ексхумација и репатријација
Армијата на САД преку државните институции и во соработка со експерти на Франција, во 1947 година започна целосна ексхумација на починатите војници, меѓу нив и на Панде. Процесот траел до 1957 година. Со постапката на репатријација, тој и останатите во традиционален протокол, биле ставани во метални ковчези и херметички затворани, па со бродови биле испратени во САД. Останките на Панде стасале во Чикако, а американската армија ако имало посебно барање од семејствата, ги исполнувале. Во еден запис од 1914 година се вели дека по барање на неговата мајка, истата 1947 година неговите останки со брод бил испратени до Џенова во металниот ковчег, а потоа со воз до Југославија и Битола. Можеме да претпоставиме дека имало пригодна церемонија при положувањето и претходно со изградба на скромна крипта во која бил положен металниот ковчег, каде се наоѓа и денеска. За урамените фотографии на ѕидот, според нашата традиција, не било невообичаено, над починатите воини да се поставуваат фотографии или други обележја од нивните родители, заради симболика на вечно присуство и бдеење над своите чеда.
Епилог
Според американските архивисти, податоците за Панде и другите жртви од Нормандија (IDPF) са среќа, не биле уништени во пожарот во Сент Луис 1973 година. Сега врз индивидуалните досиеја од 1939 до 1975 година се врши дигитализација и процесот е стасан до буквата М, што значи дека наскоро досието на Панде може да стане целосно достапно за нашите историчари, хроничари, журналисти, а зошто да не и за филмски сценаристи. Ние ето, само ја подизбришавме прашината од една заборавена судбина, колку битолска и македонска, но исто толку американска и интернационална, па и општоцивилизациска. Со тоа, нашиот триптих добива една поширока и вертикална (синхрониска) осмисла.
Авторот е новинар во пензија со 43 – годишен новинарски стаж.
(Ставовите изнесени во колумните се личен став на авторот и не се ставови на редакцијата на “Битолануз“ и не се одраз на уредувачката политика.)






