Еурофарм Пелистер – Гумерсбах 29:28 (9:14)
Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва во Битола го совладаа Гумерсбах со 29:28 во драматичен натпревар и ја продолжуваат трката по место во елиминациите од Лигата на Европа. Иако македонскиот вицепрвак губеше со пет гола во повеќе наврати, сепак на крајот направи херојски пресврт во вториот дел и на крајот заслужено славеше.
Предводен од Митревски со 12 одбрани, Кузмановски со седум гола, Нтазни со пет, како и Ристевски, Граховац и Серафимов со по четири погодоци, битолскиот состав стигна до триумф и три бода во групата.
Мечот беше отворен со гол на Пешевски, пред капитенот Кузмановски да погреши на два пати и некогашниот пелистерец Вујовиќ да израмниа. Домашните водеа и со 2:1, 3:2, но одново црногорското лево крило израмнуваше, а потоа му донесе и предност на Гумерсбах по нереализираните шанси на Пешевски и Хакбарт, 5:4.
Гостите имаа и плус три, 7:4, а во продолжение голманот Олблинг беше на ниво, па Гумерсбах успеваше да ги казнува промашувањата и да ја одржува разликата од три гола во негова корист. Червар реши да побара тајм-аут, шанса на десен бек доби Колаковиќ по Видомски и Серафимов кои не погодија ниеднаш.
Но пелистерци не реализираа, па гостите тргнаа во напад за плус четири. Митревски го запре нивниот удар, а на пет минути до крајот по еден опасен старт над Петар Атанасијевиќ, десното крило на Гумерсбах, Бломе, доби црвен картон, но битолчани не погодија пенал и казната стигна за плус четири, 12:8. Продолжија промашувањата на домашните, беше 13:8, па 14:9 и Гумербах замина со плус пет на паузата.
По 16:11 на стартот на второто полувреме, Кузмановски и Ристевски намалија на минус три, а одличниот Митревски влезе во серија одбрани и како да беше мотив плус за неговите соиграчи. За осум минути игра Еурофарм Пелистер комплетно се врати во игра и израмни на 16:16, па гостинскиот стратег Сигурдсон мораше да вика тајм-аут.
Пелистерци се охрабрија во нападот, почнаа полесно да погодуваат и лесно поминуваа Пешевски и Ристевски, па се играше гол за гол до 20:20. Судиите не досудија пенал над Пешевски при еден напад, и гостите во брза контра по подолго време беа на плус два, 22:20, кога остануваа уште петнаесетина минути за играње.
Митревски повторно два пати одбрани, Граховац еднаш изнуди пенал и еднаш погоди, па повторно се почнуваше од нула. Беше 23.23 кога црвен картон по остар старт над Синдарсон, заработи Ристевски, кој играше одличен втор дел. На пет минути до крајот Гумерсбах водеше со 25:24, а Червар реши да го искористи последниот тајм-аут.
Кога најмалку требаше, Видомски погреши и направи фаул во напад, па Гумерсбах тргна по плус два, но не погоди и Серафимов беше прецизен од пенал за големи возбудувања во финишот, 27.27. Митревски одбрани зицер со играч помалку на Хеселер и Серафимов по долго време го донесе битолскиот состав до предност, 28:27.
Гостите не погодија и Еурофарм Пелистер тргна во напад на 70 секунди до крајот. Червар повика тајм-аут, а реализираше Нтанзи за 29:27, но потоа избрзаниот шут на Кузмановски го одбрани Олблинг и гостите добија шанса за минус еден кога останаа триесетина секунди до крајот.
Вујовиќ погоди од пенал за 29:28, па гостите тргнаа во пресинг низ целиот терен, но немаше време и победата остана во Битола.
Следен предизвик за Еурофарм Пелистер ќе биде домашниот натпревар со полскиот Вибжеже Гдањск наредниот вторник во „Боро Чурлевски“ од 18:45 часот.
Фото: Дамијана Ристевска
Линк за фотогалерија: https://www.facebook.com/photo?fbid=1784145200090965&set=pcb.1784147696757382











