14 ноември е светскиот ден на дијабетесот, а Здружението на дијабетичари на Општина Битола по овој повод доби донација од 1.000 австралиски долари од Bitola Social Club – заедницата на битолските иселеници во Мелбурн, Австралија. О
вој активен клуб, кој претставува жива заедница на иселениците во Австралија со потекло од Битола, подаде рака на помош нагласувајќи ги силните врски и заедничките вредности на глобалната битолска заедница.
-Нашите корени и врски со Битола остануваат силни, без разлика каде сме во светот. Оваа донација е доказ за нашата постојана посветеност да поддржуваме важни каузи во нашиот роден град. Привилегија е да се придонесе за здравјето и благосостојбата на нашите сограѓани битолчани кои живеат со дијабетес, а поводот беше причина повеќе, истакна Ангеле Ангеловски еден од членовите на Bitola Social Club.Душанка Атанасовска, претседателка на Здружението на дијабетичари во Битола, вчера на симболичното предавање на донацијата на Широк Сокак, од страна на проф. д-р Борис Ангелков, кој во име на донаторите го додели чекот, изрази длабока увереност дека е ова само еден од потезите на нашите битолчани во Мелбурн, како израз на љубов и почит кон својот роден град.
-Оваа донација е повеќе од само финансиски придонес, таа е симбол на надеж и солидарност. Со овој гест, нашите битолчани од Мелбурн прават значителна разлика во секојдневното соочување со дијабетесот за нашите членови. И бескрајно како здружение сме благодарни, истакна проф. д-р Ангелков.
Со донацијата Здружението на дијабетичари од Оптшина Битола има зацртано сеопфатен план за ефективно искористување на средствата на следниот начин: Креирање и активирање веб портал, како платформа која ќе служи за информации, ресурси и поддршка на заедницата, олеснувајќи подобра комуникација и ангажман меѓу членовите и пошироката заедница.
Со дел од донацијата ќе се подготви и стручна литература фокусирана на здрав начин на живот и психосоцијална поддршка за дијабетичарите од Битола, со цел да донесе ажурирани информации и насоки за членовите и нивните семејства. Исто така планирана е и набавка и дистрибуција на неколку напредни сензори, уреди и мерни ленти за ранливите групи на наши сограѓани со дијабетес. Тие ќе бидат доделени на најактивно вклучените членови, помагајќи им во нивното секојдневно управување со дијабетесот и промовирајќи подобри здравствени резултати.
Оваа донација од Bitola Social Club во Мелбурн е извонреден пример за меѓународна соработка и дух на заедницата. Тоа не само што материјално придонесува за напорите на Здружението кон своите членови, туку и ги зајакнува културните и емоционалните врски меѓу битолчаните ширум светот.