Денес во бар “Манаки“ прес конференција одржа Сојуз на спортови на Битола, по повод големиот јубиле, 60 години традиција на Битола во прогласување на најдобрите спортисти и екипи на Битола.
По тој повод претседателот на Сојузот на спортови на Битола, Сашко Павловски рече:-Нам како сегашно раководство на Сојузот на спортови на Битола ни е посебно мило што по 60. пат ќе го извршиме прогласувањето на најдобрите спортисти и екипи за изминатата календарска 2023 година. Пристигнаа голем број на пријави, морам да напоменам дека тоа се пријави од клубови кои се членки на Сојузот на спортови и тоа во сите категории. Според пријавите и според Статутот и правилникот на Сојузот на спортови ќе прогласиме најдобри десет поединци и три екипи в0 сениорска конкуренција, и додаде:
-Секако и овој пат ќе доделиме и награди за нашите млади спортисти, идни носители на спортот во напиот град. Тука се и признанијата за професорите по физичко воспитување, наградите за екипните победници на ноќната трка, која исто така ние како Сојуз ја оганизираме. Ќе ги наградиме со посебни признанија и сите кои направиле вредни достигнувања во спортот надвор од предвидените системски натпревари, а кои дале продонес во развојот на спортот и промоција на Битола. За техничката организација Павловски додаде:
-Свеченото прогласување ќе се одржи утре со почеток во 19 часот во Народниот театар во Битола. Целата манифестација е поддржана и е во соработка со Општина Битола, градоначалникот Тони Коњановски, Советот на Општина Битола и Комисијата за спорт при Советот. Подготвена е видео презентација и промоција за најдобрите спортисти и екипи, како и на ветераните кои дале голем придонес во развојот на спортот во Битола, како мало оддолжување за нивниот спортски влог.
С.Р.