По натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ тренерот на Еурофарм Пелистер од Битола Бранислав Ангеловски истакна дека промашените зицери во финишот и одбраните на вардаровит голман беа клучни за поразот од Вардар.
-Ова дерби е празник за ракометот во Македонија. Секој натпревар е своја приказна. Нема послаб-појак на овие средби, игра мотивацијата и главата. Ние не бевме вистински во настапот на главните играчи. Но, имаме залиха и тоа нè држи во живот. Ќе бидеме вистински кога најмногу ќе треба. Воопшто не се сомневав дека може да загубиме со шест разлика, можеби звучам нескромно, но јас секогаш сум искрен, рече Ангеловски, и додаде:
-Промашените зицери и одбраните на Томовски во клучните моменти ја решија средбата. Секако не сакам да ја намалам вредноста на нашите голмани и тие беа добри, но во најпотребниот момент Томовски беше одличен. Атмосферата беше одлична, јас би посакал на секој натпревар да биде вака, да се игра пред полни трибини. Добивме аплауз од вардаровите навивачи, како што Вардар доби во Битола. На Вардар сега им останува да чекаат, ама нема да дочекаат наш кикс.










