Пред стартот на големото дерби меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар, присутната публика во салата „Боро Чурлевски“ во Битола ги поздрави новите херои од младинската екипа што обезбедија место на завршниот турнир во Лигата на шампионите.
Надежите на “пелистерци“ продефилираа на битолскиот паркет во пресрет на „вечното“ дерби и добија овации и громогласен аплауз од присутната публика. Избраниците на Фарук Мемиќ и Кире Митревски на жешкиот терен во Букурешт го елиминираа Келце, а потоа и домаќинот Динамо во битката за пласман на Ф4 во Келн.
Покрај македонскиот претставник, на завршниот турнир во Лигата на шампионите за трофејот ќе се борат Веспрем, Барселона и ГОГ Гудме.
Ф4 во младинската ЛШ ќе се игра паралелно со сениорската во „Ланкес Арена“ на 14 и 15 јуни.