Четвртфиналната серија меѓу Пелистер и Работнички продолжува денеска со дуелот во „Боро Чурлевски“ закажан во 19 часот. „Пелистерци“ имаат негатива од 1:2 по првите три средби, но импресивната игра на последниот меч на кој противникот беше демолиран со 101:77 ја крена атмосферата во тимот, каде сега постои верба дека може да се стигне и до целосен триумф во оваа четвртфинална серија.
Именувањето на Дејан Илиевски за нов тренер се покажа како вистински потег, битолчанецот веднаш успеа да го извлече максимумот од екипата, која ги покажа своите квалитети и без многу проблеми стигна до победата.
-Она што беше клучно беше енергијата. Излеговме на терен желни за игра, да ги покажеме своите квалитети… Од кошаркарски аспект, имавме лесни поени од транзиција и игравме колективно, со многу асистенции, тоа е она што ни недостигаше на првите две средби, но овојпат одигравме на највисоко ниво од тој аспект, од самиот почеток наметнавме темпо и стигнавме до заслужена победа, вели Дејан Илиевски.
Тренерот е задоволен од исходот на претходниот меч, но и јасно порачува дека нема потреба од создавање на еуфорија поради една победа.
„Она што треба сите да го знаат, затоа што сме победиле еден меч, макар и така убедливоо, не смееме да летнеме во облаци. Фактичката ситуација останува иста, во негатива сме од 1-2 и немаме право на грешка до крајот на оваа серија. Затоа, мораме да продолжиме да работиме напорно, да се бориме 40 минути бидејќи само таквиот пристап може да ни го донесе резултатот што сите го посакуваме“, порачува стратегот на „пелистерци“.
Според него, клучно ќе биде како „зелено-белите“ ќе одиграат на денешниот меч бидејќи ако се повтори изданието од средата, успехот нема да изостане.
-Многу беше важно по четири порази во низа сезонава од Работнички конечно да славиме, да ја урнеме таа ментална блокада. Јас верувам во мојот тим, знам колку сме квалитетни и знам дека ако бидеме на нивото на кое што сме способни да играме, сигурно ќе дојдеме до посакуваната победа. Како што реков и пред претходниот меч, не размислуваме за мајсторка, одиме чекор по чекор, фокусирани сме само на наредниот дуел во Битола, за да победиме и да израмниме на 2-2. Би сакал и јавно да ги повикам навивачите да дојдат во салата и да ни дадат поддршка, а ние ќе им возвратиме како и на претходниот меч, со квалитетна кошарка, истакнува Илиевски.
Идентично како и на претходниот натпревар, управата на клубот донесе одлука влезот и за овој дуел од четвртфиналната серија со Работничкида биде бесплатен.










