По успешното скопско претставување, мултимедијалниот проект „ОГАН“ на академската уметница Бојана Артиновска продолжува во Битола, градот каде што овој циклус првпат оживеа на платно. Делата од „ОГАН“ се создадени токму во просторот на Камај Медиа-креативно студио, каде една од индустриските сали и беше несебично отстапена на уметницата, можност што ја обликуваше целата атмосфера на создавањето.
-Па симболично овој настан претставува враќање во местото каде што е роден пламенот на овој циклус. Оганот ме предизвика да се соочам со многу стравови, да ја препознаам и ослободам својата автентична енергија, и да ја почувствувам светлината што постои во мене. Сликите се покана за внимание, присуство и доживување на енергијата што тече низ светот и низ нас самите. „ОГАН“ предлага момент на сопирање, согорување на непотребното и отворање кон нова сила, вели Бојана Артиновска.
Во рамки на отворањето во Битола ќе бидат вклучени нови елементи и изненадувања, специјално подготвени за ова претставување. Планиран е мал сликарски перформанс, како реконструкција на процесот на создавање, изведен во истиот простор каде што настанал циклусот. Публиката ќе има можност и за отворен разговор со уметницата, во кој Артиновска ќе го сподели нејзиниот творечки процес, истражувањата поврзани со природните елементи, како и личното доживување на Оганот како енергија и творечки импулс.
Звучната димензија на вечерта ќе ја отвори Игор Темелковски, композитор и основач на Amon-dur Music Studio, Битола. Неговата музика, создадена за да го следи ритамот на елементот, органски ја надополнува визуелната структура на делата.
Бојана Артиновска е визуелна уметница, сценограф и член на ДЛУМ, ДЛУП и ДЛУБ. Дипломирала на ФЛУ, Скопје, а како слободен уметник работела и во САД. До денес има реализирано девет самостојни изложби, и учествувано на бројни групни проекти. Во своето творештво е препознатлива по употребата на слоевита боја, експресивни текстури и интуитивни визуелни процеси. Добитничка е на повеќе признанија, меѓу кои наградата „4-ти Ноември“ на ДЛУБ и наградата за сценографија на фестивалот „Репасаж“ во Србија.











