Press "Enter" to skip to content

Лино Червар пред стартот на европска сцена: мора да играме одбрана, публиката е нашата сила во Битола!

Тимот на РК Еурофарм Пелистер од Битола утре во спорткста сала “Боро Чурлевски“, на домашен терен, го пречекува шпанскиот тим Логроњо Ла Риоха во рамките на 1. коло од групната фаза во ЕХФ Европската лига. 

По трите натпревари во регионалната лига и два домашни натпревари во Суперлигата, новиот тренер Лино Червар ќе дебитира на европски меч на битолската клупа, а пред европското деби на одицијалната прес конференција рече:

-Нè поставија како фаворити пред Гумерсбах и Логроњо Ла Риоха, а тоа е малку преамбициозно. Но, тоа за нас нема никакво значење. Мораме добро да се подготвиме. Многу го ценам шпанскиот ракомет. Ла Риоха е клуб против кој веќе сум играл и има голема традиција. Нè чека напорна работа; играчите мора да бидат подготвени, а и ние, со многу енергија и ментална сила“, вели Хрватот.

Червар повторно става акцент на играта во одбрана, за која вели дека е клучен фактор во овој натпревар.

-Посебно важна е нашата одбрана. Кога некој игра добра одбрана, тогаш има голема шанса да победи на натпреварот. Ова е наш прв натпревар оваа година во Европската лига, а луѓето очекуваат многу од нас. Многу сум задоволен од атмосферата меѓу играчите и очекувам многу публика. Навивачите се многу поврзани со нашиот клуб; ниту еден успех на Пелистер не би бил можен без публиката. Публиката е нашата сила, наш играч повеќе. Но, ние тоа мора да го оправдаме. Мора да покажеме голема енергија, желба за победа — тоа е исклучително важно. Страста за победа дава дополнителна енергија. Затоа јас верувам во мојот тим, верувам во Еурофарм Пелистер, затоа сум тука, заврши Червар.

Натпреварот ќе се одигра утревечер со почеток во 20:45 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, а судии се Магнус Нигрен и Андреас Борге од Норвешка, додека делегат е Тихомир Касуниќ од Хрватска.

More from СпортMore posts in Спорт »