Денес екипата Еурофарм Пелистер од Битола ќе гостува во Германија во реванш средбата од 1/8 финалето од Лигата на Европа, кај Магдебург. По поразот во Битола, пред сеум дена, ракометрите се надеваат дека ќе го поправат впечатокот од првиот натпревар, кога убедливо загубија.
Средниот бек на Еурофарм Пелистер, Јосип Периќ е свесен за падот на формата, но верува во реакција на екипата.
-Очигледно е дека падот на формата дојде во најлошо можно време. Треба да се собереме и да одиграме најдобро што можеме против Магдебург во Германија. Мораме тој натпревар да го искористиме за да извлечеме поуки и да смениме што не функционираше во нашата игра и да се вратиме на прав пат, бидејќи ни следат уште многу важни натпревари во краток период.
Битолчани патуваат попладнево за Германија, а во тимот се враќа Египќанецот Карим Хендави, но тимот нема да го води тренерот Жељко Бабиќ е позитивен на ковид-19 и нема да ја води екипата. Неговото место ќе го заземе Божидар Мојсов.
Со победа на денешната средба, Магдебург ќе го израмни апсолутниот рекорд во својата историја кој гласи 22 официјални натпревари без горчината на поразот, а натпреварот започнува во 18:45 часот.








