Доцна синоќа ракометарите на Еурофарм Пелистер по одигрувањето на Куп натпреварот против екипата на Младост Богданци, од Битола отпатуваа за Словачка, каде утре ќе играат со Татран Прешов во рамките на СЕХА лигата.
И на овој натпревар екипата ќе ја води помошникот на Бабоќ, Божидар Мојсов, а Ненад Костески пред натпреварот со Татран Прешов, пред заминувањето од Битола рече:
-Минуваме низ тежок период, играме доста натпревари и густ е распоредот. Многу патуваме, па мора да играме и не е лесно. Сега се натпреваруваме и во Купот на Македонија и во плеј-офот. Се подготвуваме и знаеме каков состав има Татран Прешов. Со било каков состав да патуваме верувам дека ќе извојуваме победа и ќе го надминеме овој тежок период во кој врзавме три порази. Верувам дека ќе почнеме позитивна серија и ќе се издигнеме. Очекуваме дека Татран ја анализирал нашата игра, играат на домашен терен и ќе ни се спротистават. Не смееме да потфрлиме и верувам дека ќе се вратиме со победа.








