Press "Enter" to skip to content

“Музика од светот“ по 15. пат во Битола, годинава култната група “Лајбах“ во Центар за култура(фото)

Како и секоја година во изминатите 15 и годинава од 23 до 25 ноември во Битола ќе се одржи годинешното издание на “Фестивалот на музика од светот“. Годинешното издание на овој, по многу нешта специфичен фестивал, ќе биде под мотото “Една сцена, звук на светот”, а покрај во Големата сала на Центарот за култура во Битола ќе биде и на други локации.Денес во малата сала на Центарот за култура во Битола се одржа прес конференцијата на која  директорката Маја Андоновска – Илијевски зборуваше за ова издание на Фестивалот.

-Ова е фестивал кој своето прво издание го имаше во 2009 година, а се до денес на наше задоволство реализирана е голема продукција на настани. Се надевам дека и во иднина Битола ќе ја запишуваат на мапата на светските фестивали и ќе бидеме се поатрактивно место не само за домашните и балканските туку и за светски уметници. Годинава имаме јубилеј кој е значаен по многу нешта, ќе понуди програма за која долго време ќе се зборува после фестивалот. Оваа година како партнери се “Олабај“ и “Јуроп хаус“ во оф програмата која за нас е од посебно значење.Она што е карактеристично за годинешното издание на фестивалот е настапот на групата “Лајбах“,  а Битола е дел од нивната приказна која ќе се случува низ европските градови, “Love is still alive“. Тие ќе одржат целовечерен концерт во големата сала на Центарот за култура, едно визуелно,музичко и театарско доживување.

-Групата “Лајбах“ во својата европска ноемвриска турнеја, а меѓу 20 градови од Европа е Битола на наше огромно задоволство и гордост. Концертот “Love is still alive“ ќе биде настан кој битолчани долго ќе го паметат и е настан кој можеби дваесет години не ни се случил, да гостува една група од ваков калибар. За нас како Центар за култура е огромен предизвик бидејќи да пречекаш уметници од типот на “Лајбах“ значи добра техничка подготовка за концертот да изгледа како и концертот во Лондон. Она што ќе се доживее во сабота во Центарот за култура ќе се памети зошто “Лајбах“ со својот тематски концерт не може да се види било каде и било кога.

  За “оф програмата“ Маја Ангеловска од “Олабај“ рече:-Со „Олабај на Фестивал на музика од светот“ ја завршуваме програмата на Олабај за 2023 година. Годинава “Олабај“ ги надополнуваше програмите на дел од меѓународните фестивали во Битола. Започнавме со “Битола отворен град“, продолживме со “Битола Шекспир фестивал“, пред 2 месеци бевме дел од меѓународниот фестивал за филмска камера “Браќа Манаки“ и денес сме овде, на наше задоволство, на “Фестивал на музика од светот“ за што уште еднаш би сакала да го искажам задоволството за ова партнерство помеѓу “Олабај“ и Центар за култура Битола. “Олабај“ е приказна поддржана од Министерство за култура и бизнис заедницата каде предводник е компанијата Божиновски часовници и накит.

“Олабај“ ќе организира промоција во четврток во мала сала во Центар за култура на првиот самостоен албум на Горан Таневски наречен Асценд. На него има девет композиции.-Промоцијата ќе ја реализираме во форма на прикажување на видео спотови, надополнета со вокална интерпретација во живо на одредени композиции испреплатено со муабетче. Влезот е бесплатен, рече Ангеловска за тоа кој е Горан додаде:

-Без сомнение Горан Таневски е една од најмаркантните личности на македонската музичка рок сцена. Јавноста сеуште го перципира како вокалот на бендот Мизар. Во 1991 година ја напушта групата, за да се посвети на организирање на настани од културата како: изложби, промоции, концерти и слично… Eден интересен податок: токму Горан Таневски како концертен промотор за прв пат ја доведува словенечката група Laibach во Македонија. Така, после 30 години тие заедно ќе ја делат сцената на Фестивалот на музика од светот во Битола.

Албумот на Горан Таневски е изработен во соработка со Агенцијата за мода, култура и уметност “Метрополис“ од Битола. Во четврток, токму Илија Талев ќе биде промотор на албумот, за кој ќе напише: Никогаш во животот не сум се борел “против“ нешто или некого, бидејќи борбата „против“ е бесмислена. Отсекогаш сум се борел, и се уште се борам „за“! За подобро општество“. Со ова ЗА… Ве покануваме на овој настан кој без сомневање ќе биде настан за паметење.

Креирање и поддржување на настани од областа на културата кои се важен фактор за децентрализација на културата и анимирање на младата публика во Битола се фокус на Europe House Bitola, па оттука и нивната поддршка. -Ако музика од светот е пулсот, нашите локални изведувачи се гласот и јадрото на културниот бран кој непрекинато треба да се шири и поддржува. Под мотото #SupportLocalArtists, ја поддржуваме и ОФФ програмата на ова издание на Фестивалот на музика од светот, истакна Иван Дургутовски, координатор за настани на Europe House Bitola – алатка за комуникација на Делегацијата на Европската Унија.

Во изминатите години на фестивалот настапија: познатата светска фадо пејачка Јоана Амендоеира, „Фонтана“ & Камерниот оркестар на Битола со специјалните гости Даница Крстиќ – вокал, Р.Србија, Ангел Демирев – гитара, Р.Бугарија и Џамбо Агушев – труба,Македонија, Лилит , LIBERQUATRO TANGO ENSEMBLE од Србија, Билјана Биља Крстиќ, Јелена Томашевиќ, Џамбо Агушеви оркестар и многу други.