Press "Enter" to skip to content

Деновиве пред 10 годинии: За формирањето на Радио Битола што ја нема

-Некогашниот препознатлив сигнал “Зборува Радио Битола“, се претвори во, сега веќе “не зборува Радио Битола“. 

-Радио Битола пред Радио Скопје, по Радио Битола се навиваа часовниците и Радио Битола беше “гостин“ во секој дом, постарите и денеска пекаат по неа.

-Пред 10 години кога се прославуваше годишнина од формирањето на Радио Битола, каде го поминав целиот мој работен век, и имам незаборавни спомени… напишав еден текст кој според мене се уште е актуелен и сакам поворно да биде реобјавен. Мислам дека ќе поттикне многу спомени кај некогашните вработени, кај слушателите, кај битолчанини…, а повече има во монографијата која ја напишав за Радио Битола, вели Димче Миновски, хроничар на Битола и доајен на битолското новинарство.

-На 27 (28) март 1950 година, низ балканските простори се прошета гласот на Радио Битола. Во тоа време, таа беше единствената локална радиостаница во Македонија и пошироко и токму поради тоа суверено владееше во етерот и се слушаше многу и надалеку. Радио Битола, само две години подоцна, откако, веројатно, некому му застана како трн в око,
престана да работи. Бројните музичари и другите вработени кои со платите од Радио Битоа ги прехрануваа своите семејства, одеднаш, останаа без плата на улица.
Во 1958 година, Радио

Битола повторно е активирана, но сега како Општинска локална радиостаница. Оттогаш се до распаѓањето на Југославија, оваа радиокуќа беше урнек меѓу бројните радиостаници во Македонија кои откако се појави Радио Битола почнаа да никнат како печурки по дожд, дури и во најмалите населени места. Во тоа време, Македонија, во однос на бројот на жителите, споредена со другите Републики беше на прво место.

Меѓутоа, речиси одамна, Радио Битола ја нема. Некогашниот препознатлив сигнал ,,Зборува Радио Битола“, се претвори во, сега веќе ,,не зборува Радио Битола“. Зошто и како угасна оваа најстара локална радиостаница во Македонија е долга приказна. Ќе ја оставиме за друга прилика.  Во овој прилог ќе кажеме нешто за почетоците, развојот и значењето на Радио Битола во информативниот простор на Битола и пошироко.До 1950 година во Битола излегуваа повеќе весници од кои некое време се задржаа
“Братство“ и “За социјалистичка изградба“. Тоа беа регионални весници и за нивното одржување беа потребни повеќе средства. Така се роди идејата, наместо весник, Битола да има радиостаница која ќе биде во функција на граѓаните. Информативно средства кое споредено со весниците ќе биде и поевтино и многу побрзо.

На 27-28 март, тогашниот познат општественик Мишко Василевски, на свечен начин, ја предаде во употреба првата локална радиостаница во Македонија, која веднаш почна со работа во куќата на Пандаровци, нешто подолу од Црн Мост. Предавателот беше инсталиран во близина на Железничката стница. Радио Битола профункционира како Обласна радио станица. Ги “покриваше“:  Битола, Прилеп, Охрид, Ресен, Струга, Дебар и Кичево. Предавателот беше германски, од војната, од 2 кв, но истоштен зрачеше програма со сила од киловат и пол. Бидејќи Радио Битола беше сама во етерот нејзиниот глас “ечеше“ надалеку. Нешто подоцна, Радио Битола фунционираше само како локална радиостаница.

Радио Битола пред Радио Скопје

Радио Скопје како републичка радиостаница почна со работа на 29 ноември 1945 година. Меѓутоа има податоци кои укажуваат на тоа дека Радио Битола профинкционира пред Радио Скопје, односно на 4 ноември кога Седмата бригада влезе во ослободениот град и по тој повод се одржа голем митинг. Програмата се емитуваше преку разглас, односно звучници што беа распоредени по бандерите низ градот. Но, ако се има предвид дека овој разглас работеше според сите норми и правила по кои фунционираат радиостаниците, тогаш може да се рече дека Радио Битола својот глас во етерот го испрати пред Радио Скопје.

Програмата што се емитуваше преку разгласот беше однапред одредена. Точно се знаеше времето кога се емитуваат вести, кога соопштенија, кога музика или некоја од емисиите што ги подготвуваа новинари кои само што почнаа да невлегуваат во тајните на радио новинарството.Сите музичари на работа во Радио Битола

Битола беше позната како град на боеми, песмајлии и бројни музичари кои свиреа
по свадби, меани и анови, на седенки и серенади и во разни други пригоди. Малку од нив ги познаваа нотите, но беа виртузи на своите инструменти. Меѓу првите што тука се вработија беа Крсте Павловски, Вангел Павловски, Методија Спировски, Никола Богоевски, Јакуп Умеровски, Лазо Павловски, Манди Ѓеорѓиевски, Душан Христовски, Лазар Димитровски, Нури Османовски, Јован Ѓеоргиевски…

Прв директор, во 1950 година, беше Јордан Петровски, прв уредник Ристо Невеновски, а како новинари беа ангажирани: Вера Поповска, Анастас Гашинчевски, Цветан Ангеловски, Васа Стефановска, Милош Константинов, Љубомир Зиновски и Ѓорѓи Фидановски. Со техниката раководеа: Асен Даскалов, Коста Костовски, Цветан Наумовски, Миле Јаневски, Никола Бадишевски, Ѓорѓи Балевски, Анастас Јашмаков и други. Еден од првите музички уредници беше Никола Јошевски.

По Радио Битола се навиваа часовниците

Радио Битола во најголемиот дел од своето постоење програмата ја започнуваше точно во 11 часот. Граѓаните ги поместуваа своите часовници со почетокот на програмата на Радио Битола. Со невиден интерес се чекаа гласовите на спикерите Живко Андреевски, Катина Трендафилова и Олга Јовановска. Потоа народниот оркестар, оркестарот на чалгии или забавниот оркестар, од кој подоцна беше издвоен “Квинтетот“, како и бројните интерпретатори на народни и забавни песни: Едает Хамзегиќ, Донка Лазарева, Вангелица Мицкова, Горица Петровска Магда Ангелковска, Ратка Николова и други, свиреа и пееја во живо.

Во педесетите години техниката за снимање малку беше позната и бргу потоа профункционира и првиот жичан магнетофон, кој им создаваше големи проблеми на техничарите. Бидејќи се пееше и свиреше во живо, одговорноста беше исклучително голема кај сите изведувачи. На репертоарот нај често беа патриотските песни кои се чини дека беа и причината што Радио Битола, две години по почетокот престана да работи, а преку својата техника ја пренесуваше програмата на Радио Скопје.

Силен притисок за обновување на радиото

Музичарите кои останаа без работа, пејачите, вработените во техничкиот сектор, како и граѓаните, во 1958 г. извршија голем притисок врз претседателот на Околискиот народен одбор, Трајче Грујовски, за повторно активирање на Радио Битола. Во оваа година Радио Битола, која веќе не беше сама во воздушниот простор повторно се “роди“. Оттогаш работејќи упорно, но одговорно и совесно, програмата на Радио Битола се усовршуваше и збогатуваше катадневно со нови содржини кои беа плод на вработените, но и на бројните соработници кои минаа низ вратите на оваа радиокуќа. Меѓу познатите соработници беше и Кирил Македонски, кој токму на клавирот на Радио Битола ги компонира и првите македонска опери “Гоце“ и “Цар Самоил“.

Радио Битола беше “гостин“ во секој дом

Слушателите не можеа да живеат без неа. Така беше со години. Помладите можеби и не се сеќаваат дека некогаш постоеше Радио Битола, но постарите и денеска пекаат по неа.

More from БитолаMore posts in Битола »