Сашо Ристевски
Томас Спасе Трпчевски е еден од можеби милиони деца кои започнуваат да го сонуваат својот детски сон, да биде фудбалер и да игра во некој голем светски клуб. Тој почна да го живее “сонот“ на седум години во неговиот роден град Мелбурн, Австралија, а со македонско, односно битолско потекло. Неговиот дедо Владо Трпчевски е роден во Живојно, се преселил во Битола од каде заминува во Мелбурн, Австралија каде започнува нов живот и започнува со работа, започнува свој бизнис и секако е зафатен покрај бизнисот уште повеќе со семејните обврски. Неговиот син започнува да игра фудбал, а истото го прави и неговиот внук Томас Спасе Трпчевски, синот успешно, внукот ќе се докажува.
Томас започна да игра фудбал на седум години во локалниот австралиски клуб Перт Мелбурн во Мелбурн, Австралија, кој стандардно се натпреварува во Прва лига во државата Викторија, и е на ист ранг со Престон Македонија и Алтона Вардар.
-Татко ми и дедо започнаа да ме носат на фудбал на седум години, и бев во најмалите фудбалски категории, повеќе за забава и навлегување во тајните на фудбалот. Така беше се до мои десет години, а тогаш продолжив на фудбалска академија. Три години од 10 до 13 ја посетував приватна фудбалска “ФТС академија“ и таму тренирав и се натпреварував со своите врсници. На 13 години се вратив во матичниот клуб Перт Мелбурн, и започнав да играм “голем фудбал“ со повозрасните категории од 14 до 16 години, вели Томас Спасе Трпчевски, во разговорот кој го имавме во Битола, пред да си замине за Австралија.
По три години фудбалска работа, тренирање и натпревари, Томас Спасе Трпчевски, оваа фудбалска сезона со 17 години започнува да игра, повторно со повозрасни, со кагегорија У-19 во Прва лига.
-Играв за У-19 категорија и тоа во нападот на сите позиции, центарфор и играч за врска. Постигнав 10 гола и бев најдобар стрелец во клубот, а на моја радост и на клубот го делев 5 – 6 место на листата на стрелците во У-19 лигата. Како резултат на работата во која се вложив, максимално, имав покана да играм и во У-23 што за мене беше голема радост и гордост. Одиграв шест натпревари во категорија У-23 и наспапував и во тимот на “резервите“ на Првиот тим, вели Томас Спасе Трпчевски.
И овој пат, во новата фудбалска средина Томас се истакнува, па како резултат на напредувањето е повикан и во првиот тим, каде оваа сезона одигра и еден натпревар, по претходно два месеци тренираше со првиот тим. Во тој период тој напоредно игра и за двете генерации У-19 и У-23.
-Стојан има одлична кондициска подготвеност, тој е брз фудбалер со добар дриблинг, одлична контрола на играта, омилен меѓу соиграчите кои најголем дел од нив се повозрасни од него, а тоа се убавите зборови кои ги кажуваат неговите тренери, пријатели, другари меѓу кои е омилен. Тоа да се каже за некој кој има само 17 години навистина се зборови кои нему, на неговите родители и посебно на дедо му посебно му “годат“.
Во септември и почетокот на октомври Томас Спасе Трпчевски престојува во Битола, во Македонија, а не му е прв пат бидејќи редовно по неколку месеци престојува во нашиот и негов град, на Широк Сокак каде е неговиот и домот на дедо му.
-Како и секоја година така и оваа бев во Македонија, каде тренирам со својата генерација во фудбалскиот клуб Пелистер. Овој пат во Битола бев два месеци, тренирав тука со фудбалерите на Пелистер во Битола, но поминав и десетина дена во Црвена Ѕвезда во Белград, Србија.

Во Белград десетина дена поминува со своите врсници од Црвена Ѕвезда кај тренерот Владимир Сандуловиќ. Како и во Австралија така и во Србија реакциите за Томас се одлични. Тој има одлични критики, дека е добар фудбалер, дека е поткован технички и што е најважно кондиционо. За него секако најважно е тоа што за набрзо време се вклопи во тимот, а тренерот вели дека во ништо не се разликува од децата во клубот, иако се повозрасни.
-Имав трема и се чуствував како новајлија во младинскиот клуб на Црвена Ѕвезда во првиот ден, разбирливо и бев уморен од патот од Австралија до Битола, потоа до Белград и немав ни ден одмор. Желбата да играм фудбал, да се докажам дека сум добар ја надмина трематаи и од тренинг во тренинг бев се подобар. Убаво си поминав се дружев со децата од Белград и носам убави спомени, вели Томас.
Томас и неговото семејство остануваат во контакт, разменуваат материјали и информации, разбирливо дека патот до успехот е тежок и мора да се изоди чекор по чекор. Првиот чекор е тоа да се чека до неговиот 18 роденден во септември. До тогаш останува во Австралија, каде продолжува вредно да тренира и од ден на ден со работа, со многу трениг и со многу откажувања ќе биде поблиску до својот сон.
А дотогаш, Томас со нетпрение го чека стартот на новата фудбалска сезона која во Австралија започнува во февруари 2026 година. Томас ќе тренира со првиот тим и за тоа додава:
-Ќе тренирам со првиот тим и се надевам на покана за игра од стручниот штаб. Сега сум некаде на средина на двата тима на резервите на првиот тим и У-23.
Оваа сезона до октомври за Томас ќе биде подготовка за остварување на неговиот фудбалски сон, да игра фудбал во Европа, секако тоа да биде преку Македонија или Србија, а фудбалскиот транфер ќе може, како рековме, на 18 години, како се одлучија без непотребни административни и губење на голем број на термини за тренинг и натпревари.
А, дотогаш Томас е ученик во средно образование, во четврта година, а покрај фудбалската задача има уште и да ја заврши ученичката задача.
-Сега сум четврта година на гимназиско образование, со главен предмет биологија и сум стипендист на училиштето, имам уште седум-осум месеци за комплетирање на средното образование. Неизвесно е само каде ќе го продолжам факултетското образование, во зависност од тоа каде ќе продолжи мојата фудбалска кариера, но било каде да игра ќе се потрудам да добијам и факултетско образование, конкретен е Томас Спасе Трпчевски, но повторно се навраќа на фудбалски теми и вели:
-Имам македонски пасош, моето потекло е од битолско, од Македонија, благодарение на дедо ми и татко ми добро ја знаам македонската историја, и секако сакам да настапам во дресот на македонската репрезентација. Уживам во Битола, уживам во убавините на Македонија, но ќе уживам и ќе бидам горд, а секако и моите, кога ќе го облечам македонскиот дрес и ќе стојам мирно и ќе ја пеам македонската химна.










