Ќе биде ли регуларна оваа сезона во кошаркарскиот шампионат, се прашуваат љубителите на кошарката во Битола, откако Кошаркарската федерација на Македонија понуди две опции за завршување на шампионатот, од кои едната, онаа која посакуваат повеќе клубови, прескокнување на Суперлигата и директен плеј-оф со осум екипи и тоа преку “балон“ натпреварување.
Со овој предлог, ако биде освоен, ќе биде обезвреден регуларниот дел на шампионатот и првенството ќе носи епитет на нерегуларно и секој ќе може да го оспорува. Според член 9 од правилникот на натпреварување одлуката за промена на системот на натпреварување мора да биде донесена пред почетокот на сезоната, а не на сред сезона.
Ако “помине“ ваквата одлука екипата на Пелистер ќе биде најоштетена како лидер на таблета во досегашниот тек на сезоната. Пелистер како прв ќе стартува и во разигрувањето, односно во плеј-офот. Со ваквата одлука наместо процес од една година за да се искристализира шампионот, со новата одлука ќе игра за титула само два месеци, а многу екипи ќе имаат засилувања, а неместо да плаќаат играчи цела сезона, тоа ќе го направат за само два месеци. Битолчани и ТФТ Скопје, нема да имаат никаков плус во разигрувањето, туку наместо тоа ќе им остане само вложувањето во тимот и стручниот штаб. Останатите со слаба сезона секако дека се за ваква одлука, бидејќи ќе ги заборават лошите резултати во Лигата и сега рамноправно ќе влезат во борба за титула.
Се очекува дека делегатите од Битола ќе гласаат против ваквиот предлог, но се чини дека “куќата на кошарката“ однапред има обезбедено мнозинство.
Ковид-кризата изгледа добро ќе и дојде на некои клубови, покрај одложувањата и неодогрувањето на натпреварите, и ќе добијат шанса се да исправат во “балон плеј-оф“.
Предвидено е да се игра и завршен турнир на Купот на Македонија, и тоа кон средината на април, кога ќе заврши регуларниот дел на шампионатот.








